Грците немаат средства, до нив е – вели Николоски за железничкото поврзување на Битола со Солун

„Директно беше одговорено дека во моментов немаат средства за да ја репарираат. Така што мислам дека нема да се отвори во догледно време“, изјави вицепремиерот

од Nikola Popovski
44 прегледи Фото: Фејсбук

Запрашан за железничкото поврзување со Грција и пруга од Битола-Ники-Солун, заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски вели дека проблемот е кај нашиот јужен сосед. Како што изјави денеска од Битола, не стои добро работата.

-Јас со тројца министри за транспорт на Грција сум разговарал. Тројца се сменија откако јас сум министер. На нивна страна, пругата не е во добра состојба и по несреќата која им се случи пред две години, кога имаше голем број на жртви, нивниот железнички систем е во криза. Директно беше одговорено дека во моментов немаат средства за да ја репарираат. Така што мислам дека нема да се отвори во догледно време, изјави вицепремиерот во изјава медиумите.

-Не заради нас туку заради Грците, додаде Николоски по средбата со регионалните комори од Битола и Прилеп.

Железничкиот сообраќај меѓу Скопје и Солун се одвива со товарен превоз, патнички нема.

Во 2016, преку проект финансиран од ЕУ започна градба на пругата од Битола за грчка граница. Но, тогашниот бугарски конзорциум кој беше избран на тендер како главен изведувач, не им ги исплати парите на подизведувачите и изградбата запре. Откако СДСМ дојде на власт државата распиша нов тендер за изведувач на кој беше избрана австриската компанија „Штрабаг“. Проект чинеше 17,2 милиони евра од кои 6 милиони евра ИПА средства, а 11 милиони евра буџетот на државата. До 2019 година се изгради нова пруга од Битола за грчка граница, но се` уште не е пуштена во употреба.