Грција: Полицијата со контролни пунктови ќе ги спречува патувањата за Велигден

од Nikola Popovski

Грчката полиција денес поставила контролни пунктови покрај автопатите што водат од Атина за да се спроведе забрана за патување меѓу регионите во земјата за време на велигденските празници.

Атињаните најмногу патуваат за Велигден за да го прослават празникот со роднини во внатрешноста, но владата одлучи да ја продолжи забраната за движење меѓу регионите поради високото ниво на инфекција со Ковид-19.

Црквите во Грција ќе бидат отворени за Велигден, за разлика од минатата година, но со ограничен број верници кои можат да присуствуваат на службите и задолжителното тестирање на свештениците и црковниот персонал на коронавирус.

Главната велигденска служба следната сабота ќе се одржи три часа порано, во 21 часот поради полицискиот час, додека владата ги советува верниците да останат на отворено.

Дополнителните ограничувања за патување се на сила до 10 мај, а движењето меѓу регионите во земјата е дозволено само поради итни медицински случаи, погреби на блиски роднини и посети на разведени родители на деца под 18-годишна возраст.

„Автомобилите се проверуваат и луѓето без соодветна документација за доказот дека патувањето е оправдано се враќаат во Атина. Контролата ќе биде секојдневна, 24 часа“, изјавил пред новинарите Јоргос Јасеранис, полицаец одговорен за безбедност на автопатот во Атина.

Скоро 10.000 луѓе починаа од коронавирус во Грција, а повеќето ограничувања, вклучително и затворање на училиштата и продавниците, се во сила од почетокот на ноември.

Слични содржини