Гвардиола пред мечот со Челси: „Ни претстои еден од најтешките натпревари“

од Vladimir Zorba

Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола нема намера да го потценува Челси, иако лондончани имаат прилично лоша сезона. Двата тима утре ќе се соочат на „Етихад“. „Граѓаните“ се во серија од 11 последователни победи на сите турнири. Челси, пак, ги доби последните два натпревари, а тоа беа гостувањата кај Астон Вила и Кристал Палас.

„Тие се извонреден тим во секој поглед. Ова е еден од најтешките натпревари што ќе ги имаме до крајот на сезоната. Тие играат многу силно во последните неколку натпревари“, изјави Гвардиола.

Шпанецот го коментираше настапот на Кол Палмер, кој игра многу силно откако го смени Сити со Челси: „Дали ќе играше редовно за нас? Да. Не се сомневавме во неговите квалитети. Тој игра како ѕвезда. Го промени тимот за да игра повеќе. Беше само прашање на време кога ќе покаже за што е способен“.

Запрашан за битката за титулата, Пеп одговори: „Кога ќе останат осум или десет натпревари, ќе видиме колку екипи ќе бидат во борба. Мислам дека овие три екипи ќе бидат, но разликата со четвртата и петтата е минимална. Не е важно дали се два, три или четири, ние мора да ги победиме нашите натпревари, да си ја завршиме работата. Останатото не е важно“.

Слични содржини