Хакерски напади врз производител на вакцина против КОВИД-19

од Stefanija Kuzmanovska

Хакери од Северна Кореја се обидоа да влезат во системите на британскиот производител на лекови „АстраЗенека“, компанија која во моментов е во центарот на вниманието на јавноста како еден од производителите на вакцината против КОВИД-19, објави Ројтерс.

Според извори на Ројтерс, хакерите се претставиле на LinkedIn и WhatsApp како луѓе кои бараат експерти, нудејќи им работа на вработените во „АстраЗенека“. Потоа тие би испраќале документи што изгледале како да содржат описи на работни места што им се нудат, а всушност биле вооружени со малициозен код дизајниран да добие пристап до компјутерот на жртвата.

Хакерите биле насочени кон „широк круг на луѓе“, вклучително и персонал кој работи на истражување на КОВИД-19, рече еден извор, но не беа успешни.

Севернокорејската мисија во Обединетите нации во Женева не одговори на барањето за коментар.

„АстраЗенека“, која во моментов е позната како една од трите најдобри производители на вакцини против ковид-19, одби да ги коментира овие информации.

Извори на Ројтерс, кои инсистираа на анонимност, рекоа дека алатките и техниките користени во нападите биле дел од тековната хакерска кампања што американските власти и експертите за компјутерска безбедност ѝ ги припишуваат на Северна Кореја.

Истите напаѓачи претходно се фокусираа на одбранбениот сектор и медиумските организации, но во последните недели нивната мисија беше насочена кон цели поврзани со короната.

Слични содржини