Хамас го откри главниот услов за преговори со Израел за заложниците

од Stefanija Kuzmanovska

Главен услов на Хамас за разговор за размена на заробеници со Израел останува целосен прекин на огнот во Појасот Газа, изјави денеска портпаролот на тоа палестинско движење Валид Килани, додавајќи дека групата се уште не го добила предлогот на Израел за двoмесечен прекин на огнот во палестинската енклава.

„Главниот услов не е привремен, туку траен прекин на огнот. Дури потоа ќе се разговара за други прашања, како што е размената на заробеници и продолжувањето на хуманитарната помош“, изјави Килани за Анадолија.

Тој додаде дека лидерите на Хамас го виделе новиот израелски предлог во медиумите, но не го добиле официјално.

Порталот „Аксиос“ претходно денеска објави дека Израел преку катарски и египетски посредници претставил предлог за прекин на воената офанзива против Хамас на два месеца, во замена за постепено ослободување на преостанатите 136 заложници во Газа.

Предлогот не го прифаќа барањето на Хамас Израел целосно да ја прекине војната, но оди чекор подалеку од тоа што Израел го направи во претходните понуди, објави американската веб-страница, цитирајќи двајца израелски претставници.

Според предлогот, договорот би вклучувал ослободување на сите преостанати живи заложници и враќање на телата на загинатите заложници во неколку фази.

Израелските власти рекоа дека чекаат одговор од Хамас, но истакнаа дека се внимателни оптимисти за можноста за напредок во наредните денови.

Слични содржини