Хамас постави тешки услови за Израел за да ги ослободи заробените војници на ИДФ

од Stefanija Kuzmanovska

Палестинското милитантно движење Хамас постави траен прекин на огнот во Појасот Газа како предуслов за ослободување на заробените припадници на израелските одбранбени сили (ИДФ) во преговорите со Израел, објави денеска египетската телевизија Ал Кахера ал Ехбарија.

Како што јави египетската телевизија, палестинските милитанти потврдија дека „условите за ослободување на израелските војници ќе бидат различни“, пренесе ТАСС.

Поточно, преговорите за ова прашање ќе опфатат разговори за „престанок на непријателствата и укинување на блокадата“ наметната од Израел на Појасот Газа.

Осама Хамдан, висок функционер на Хамас, во интервју за телевизијата Ал Арабија изјави дека „сè уште е рано и тешко да се зборува за ослободување на заробените војници во услови на тековно страдање на палестинскиот народ и продолжување на израелската агресија“.

Според него, „услов за преговори е крај на војната“.

Хамдан потврди дека Хамас верува дека е можно да се продолжи хуманитарниот прекин на огнот за уште неколку дена.

„Можно е продолжување на прекинот на огнот за уште неколку дена, а преговарачкиот процес има две насоки. Првата е хуманитарната насока, која предвидува ослободување на што повеќе заложници. Втората насока е политичка, која се однесува на прекин на агресија и укинување на блокадата на Појасот Газа, што ќе ја отвори вратата за склучување договор за размена кој ги вклучува сите заложници“, посочи Хамдан.

Портпаролот на министерството за надворешни работи на Катар, Мајед бин Мохамед ал-Ансари, во понеделникот изјави дека Израел и Хамас, со помош на посредници, постигнале договор за продолжување на хуманитарниот прекин на огнот во Појасот Газа за два дена.

Тахер ал-Нуну, портпаролот на шефот на политичкото биро на Хамас, Исмаил Ханије, изјави за ТАСС дека новиот договор со Израел ќе се заснова на истите услови, имено дека тројца палестински затвореници ќе бидат ослободени во замена за секој ослободен израелски заложник од страна на Хамас.

Слични содржини