Харадинај: Некој ги лаже дојдените од Албанија дека ќе бидат однесени во Германија

од Maja Serafimova

 Косовскиот премиер во оставка Рамуш Харадинај побара од граѓаните, граѓанското општество и политичките субјекти да не ја злоупотребуваат ситуацијата со лицата кои се засолнија во Косово по силниот земјотрес што ја погоди минатата недела Албанијајави дописникот на МИА од Приштина.

Во врска со барањата на одредени невладини организации и претставници на партијата Движење Самоопределување (ВВ) за формирање штаб за итни ситуации, Харадинај изјави дека тоа претставува исмејување на државните институции, со оглед дека Владата веќе има формирано таков штаб и ги презема сите мерки за згрижување на лицата дојдени од Албанија.

Тој ги повика албанските државјани кои не се од областите погодени од земјотресот да не доаѓаат во Косово, затоа што некој ги лаже дека ќе бидат сместени во германско – косовскиот камп за обука во Призрен, а од таму ќе бидат однесени во Германија.

– Ниеден државјанин на Албанија кој влегува на територијата на Косово нема да остане незгрижен, но не е во ред доаѓањето без критериуми на луѓе од областите кои не се погодени од земјотресот. Некој ги лаже луѓето, ги полни автобусите и ги носи во тешки услови, во зима. Не е во ред ваквата состојба да се злоупотребува, изјави Харадинај откако положи цвеќе на споменикот на првиот претседател на независно Косово, Ибрахим Ругова, по повод неговиот 75-ти роденден. 

Слични содржини