Хенри Кисинџер во Пекинг: Си порача дека односите меѓу САД и Кина се „на крстопат“

од Stefanija Kuzmanovska

Кинескиот претседател Си Џинпинг се сретна во Пекинг со поранешниот американски дипломат Хенри Кисинџер, објавија кинеските државни медиуми. Изјавата на Си е особено впечатлива, бидејќи за време на средбата тој му рекол на Кисинџер дека „старите пријатели“ како него никогаш нема да бидат заборавени.

„Уште еднаш, Кина и САД се на крстопат – каде да одат понатаму, и уште еднаш, двете страни треба да направат избор“, рече Си, пренесе „Ројтерс“.

Кисинџер одигра клучна дипломатска улога во нормализирањето на врските меѓу Вашингтон и Пекинг во 1970-тите кога служеше како државен секретар и советник за национална безбедност во администрациите на претседателите Ричард Никсон и Џералд Форд.

„Кинескиот народ никогаш не ги заборава своите стари пријатели и кинеско-американските односи секогаш ќе се поврзуваат со името на Хенри Кисинџер“, му кажал Си на поранешниот американски дипломат.

Кисинџер: Односот меѓу Кина и САД е прашање на светскиот мир

Кисинџер, кој е многу почитуван во Кина и редовно ја посетува Кина откако ја напушти функцијата, рече дека односот меѓу двете земји е прашање на светскиот мир и напредокот на човечкото општество, објави кинеската државна телевизија CCTV.

Неговата посета на Кина доаѓа во време кога двете велесили се обидуваат да го запрат натамошното заладување на меѓусебните односи, кои веќе се на историски најниско ниво, пренесе агенцијата.

„Кина е подготвена да го истражи со американската страна вистинскиот начин двете земји да се сложуваат и да го промовираат постојаниот напредок на кинеско-американските односи“, рече Си.

Вашингтон претходно соопшти дека бил информиран за патувањето на Кисинџер во Кина оваа недела, но рече дека Кисинџер не дејствувал во име на американската влада.

Слични содржини