И пратениците и Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ на годишен одмор

од Vladimir Zorba

Засега нема консензус за Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ за црвените линии за македонскиот јазик и идентитет во преговорите со Бугарија. Од Алијанста за Албанците велат дека се уште немаат став дали ќе ја поддржат или, пак, не.

– Ќе почекаме Резолуцијата поднесена од ВМРО-ДПМНЕ прво да дојде на собраниска расправа, па дури тогаш ќе се изјасниме, вели Елми Азири.

Темпото на собраниските настани укажуваат дека за Резолуцијата во јули и август нема простор. Расправата за ребалансот на буџетот во Комисијата за финансирање и буџет ќе трае до 17 јули. На 22 јули е закажана пленарната седница, која ќе трае пет дена. 30. јули е резервиран за редовните пратенички прашања, а веќе од први па се до втората половина на август народните избраници заминуваат на годишен одмор.

Собраниски извори за „Локално“ велат, дека кога и дали Резолуцијата ќе се најде на дневниот ред на собраниска седница, сепак зависи од одлуката на спикерот Талат Џафери.

ДУИ и СДСМ ја прифатија Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ за црвените линии на Македонија во преговорите со Бугарија. Премиерот Зоран Заев рече дека во документот треба да се вметне новото уставно име на државата и да се утврдат неколку формалности.

Поддршка најавија и помалите партии, коaлициски партнери на власта, Демократски Сојуз, ДОМ и ЛДП.

Со Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ, се бара да се почитува просторниот и временскиот континуитет на македонскиот јазик и неговите дијалекти, како и да се почитува автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет, сето тоа базирано на сознанија на науката и утврдените факти, теории и истражувања и почитување на меѓународното право.

И.Т.

Слични содржини