ИНТЕРВЈУ Бочварски: Нема да дозволиме главното урбанистичко и проектантско биро повторно да биде на улица „Илинденска”

од Vladimir Zorba

Во текот на наредната недела ќе го потпишам Правилникот за урбанистичко планирање кој е продолжена алатка на новиот Закон за урбанистичко планирање. Ова е многу важно затоа што просторот е најголемото богатство на државата и преку хумано планирање ќе овозможиме вистински развој на урбаните средини. Со тоа јасно даваме до знаење дека нема да дозволиме да ни се случуваат неправдите од минатото за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, кога седиштето на главното урбанистичко и проектантско биро беше на улица „Илинденска”, во Владата, а токму тој е периодот во кој се направи трајна штета на ликот и препознатливоста на Скопје, вели министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски во интервју за Локално.

За изградбата на браната Отиња, тој вели дека е вистински предизвик и како градоначалник и како министер. Посочи дека во Штип важи за „невозможен” проект поради фактот што четири или пет децении се ветувал од различни структури со различни идеи и нацрт верзии, но никогаш досега ниту бил изготвен основен проект, ниту пак имало одобрение за градење, ниту била обезбедена финансиска конструкција.

– Со изградбата на овој објект, градот и граѓаните ќе добијат нова реалност во секојдневието а ќе трасираме и иден развој на градот, посочи поранешниот градоначланик на Штип.

Во однос на хаосот на Охридското крајбрежје, кое е едно од најгорливите прашања во државата, Бочварски смета дека „грижата за националното и културно богатство и заштитните подрачја е нешто за што нема компромиси“.

– Тука мора да постои вклученост на сите локални и национални институции, граѓански ораганизации и заеднички да се залагаме за доследно зачувување на нашите ресурси. Тоа што во изминатите години се случува во тој дел е неприфатливо и мора да се промени, вели тој.

Проблемот со дивоградбата кај ТЦ Мавровка беше првиот врел костен со кој се соочивте. Ги повикавте градоначалниците да ги преземат своите одговорности и самостојно да почнат со уривање на бесправно изградените објекти. Колку овој ваш пристап може да донесе резултати имајќи го предвид фактот дека зад многу од проблемите беа токму одредени градоначалници?

– Ветивме правда на секое ниво, но за правда во општеството мораме да се бориме сите, заеднички без исклучок. Владата предводена од СДСМ покажа силна волја во решавање на овие проблеми. Затоа веднаш побарав од општините да ги искористат своите ингеренции во насока на заштита на просторот и постапување согласно законите. Убеден сум дека доколку сите постапуваме согласно своите ингеренции ќе направиме поубаво општество, каде што и граѓаните и бизнис секторот ќе се охрабрат и ќе ги вложуваат своите средства овде во нашата држава.

Во таа насока дали сметате дека државата треба да направи ревизија на работата на општините во делот на урбанистичкото и градежно работење?

-Сакам да потенцирам дека преку новата законска регулатива во делот на урбанизмот поставуваме систем кој ќе ги даде своите резултати. Во текот на наредната недела ќе го потпишам и Правилникот за урбанистичко планирање кој е продолжена алатка на новиот Закон за урбанистичко планирање. Ова е многу важно затоа што просторот е најголемото богатство на државата и преку хумано планирање ќе овозможиме вистински развој на урбаните средини. Уверувам дека новиот Закон нуди полесни решенија во делот на изработка на урбанистичките планови и конечно ќе се надминат коруптивните влијанија што ги имаше претходно во оваа дејност. Со Законот се предвидува голема транспарентност, стручност и отчетност на сите учесници во процесот на изработување, донесување, спроведување и надзор над урбанистичките планови, што e за прв пат, така што сметам дека имаме добро законско решение за планирање и урбанизација на просторот.

Убеден сум дека со овој законски и подзаконски акт го враќаме тежиштето на планирањето кај архитектите, кај професионалците, а урбанизмот го поставуваме на стабилни темели. Со тоа јасно даваме до знаење дека нема да дозволиме да ни се случуваат неправдите од минатото за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, кога седиштето на главното урбанистичко и проектантско биро беше на улица „Илинденска”, во Владата, а токму тој е периодот во кој се направи трајна штета на ликот и препознатливоста на Скопје.

Веќе спомнав дека Правилникот за урбанистичко планирање ќе биде потпишан во текот на наредните денови и практично со тоа започнува примена на новиот Закон за урбанистичко плнирање. Во него се разработени сите аспекти за поефикасно, рационално и транспарентно носење на урбанистичките планови каде ќе бидат вклучени членови на заедницата, општински власти, експрети, секако со голем осврт на зеленилото итн.

Во годишната програма на Министерството за транспорт и врски за изработка на Урбанистички планови стои изработка на Генерален урбанистички план. Тоа значи дека истиот ќе го работи Агенцијата за планирање на просторот. Дали и кога ќе започне изработката на Генералниот план на Скопје?

-Да, договорот за изработка на ГУП за Скопје е веќе потпишан. Агенцијата за просторно планирање во соработка со Град Скопје ќе го изработува планот, а Министертвото за транспорт и врски ќе ја кофинансира изработката. Драго ми е што Министерството за транспорт и врски ќе учествува во изработката на ГУП-от за Град Скопје со што ќе се трасира патот за идниот развој на нашата метропола.

Во Штип за вас зборуваат дека сте прв градоначалник кој успеал од мртва точка да го помрдне проблемот со обиколницата и со браната на Отиња. Во очекување иста или барем приближно еднаква ефективност и за други проекти, може ли да се очекува дека ќе бидете министерот во чие време ќе биде пуштен во употреба автопатот Кичево- Охрид?

-Автопатот Кичево – Охрид, започнал да се гради со стар и некомплетен проект, кој дал погрешна слика за теренот. Поради ова изведувачите се соочиле со сериозни проблеми при пробивањето на трасата и затоа се прави репроектирање на голем дел од косините со цел тие да се стабилизираат, а поради ова се сеќавате дека беа одобрени и дополнителни средства со цел овој проект да ја види светлината на денот, да се санираат штетите и проектот да продолжи да се гради. Заедно со ЈП за државни патишта во наредниот период ќе ставиме целосен фокус на поставување на динамика и одглавување на овој многу значаен проект за Северна Македонија.

Изградбата на браната Отиња е вистински предизвик и како градоначалник и како министер. Во Штип важи за „невозможен” проект поради фактот што четири или пет децении се ветувал од различни структури со различни идеи и нацрт верзии, но никогаш досега ниту бил изготвен основен проект, ниту пак имало одобрение за градење, ниту била обезбедена финансиска конструкција. Со изградбата на овој објект, градот и граѓаните ќе добијат нова реалност во секојдневието а ќе трасираме и иден развој на градот.

Во експресно краток рок ги завршивме сите постапки на проектирање, ревизија, решавање на прашањето на земјиштето, носење на Детален урбанистички план и одобрението за градење, процеси кои ги решававме за многу кратко време, секако со поддршката од Владата, премиерот Зоран Заев и поранешниот министер Сугарески. Владата на последната седница донесе одлука за спроведување на јавен повик и во следниот период очекувам да се распише постапка за избор на најповолен изведувач и надзор.

Хаосот на Охридското крајбрежје е едно од најгорливите прашања во државата. Една од алтернативите која во минатиот период се споменуваше како најсоодветна, е ставање крај на градежното дивеење преку превземање на работите од страна на државата, односно Агенцијата за планирање на просторот. Што мислите Вие? Располага ли МТВ со некакви стратегии , планови и проекти за санација на штетите предизвикани од бесправното градење во Охридско- Струшкиот регион?

-Грижата за националното и културно богатство и заштитните подрачја е нешто за што нема компромиси. Тука мора да постои вклученост на сите локални и национални институции, граѓански ораганизации и заеднички да се залагаме за доследно зачувување на нашите ресурси. Тоа што во изминатите години се случува во тој дел е неприфатливо и мора да се промени. Факт е дека Владата предовдена од СДСМ покажа смелост и излезе во борба со урбаната мафија и верувам дека во наредниот период таквата борба ќе продолжи со максимален ангажман од страна на локалните власти. Сите ние мораме да покажеме храброст и доблест да се спротиставиме на девијантното однесување на поединци.

Знаете дека надлежностите во делот на управување со земјиштето е во рацете на општините и тие ги имаат сите ингеренции да делуваат според позитивните законски решенија. Целта на децентрализацијата е токму таа, секоја општина самостојна и ефикасно да менаџира со земјиштето. Одземање на ингеренции, е само еден ретрограден процес и чекор наназад, дополнително сметам дека децентрализацијата треба да продолжи со нови ингеренции кон општините, како власт најблиска до граѓаните.

Имајќи ги предвид сите наталожени предизвици и најавени сложени проекти, но пред се големите очекувања во секторот што го превземате, треба да седнете во исклучително „жешко столче”. Што си зацртавте да направите во првите 100 дена? Имате ли дилема со што треба да се зафатите итно, а со што на среден и долг рок?

-На министерската позиција доаѓам од „жешко столче”.Функцијата градоначалник има свои предизвици на локално ниво. Но ресорот транспорт има големи надлежности, голем број на капитални проекти, но истовремено и обврски кои заради доброто на оваа држава, заради економскиот развој и подобрувањето на животот на граѓаните мора да се сработат. Доаѓам од функцијата Градоначалник и точно знам што е потребно да се реализира за да се помогне на општините и да обезбедиме рамномерен регионален развој. Фокус ќе ставам на изградбата на водоводите и канализациите и локалната патна мрежа кои се неминови за подобрување на условите за живеење.

Исто така заради побрз економски развој продолжуваме со засилена динамика во изградба на автопатите, експресните патишта и регионалната патна мрежа. Предизвик ми е да продолжам со сите проекти кои ги затекнав. Ресорот Транспорт реализира големи капитални проекти кои се со повеќегодишно финансирање, затоа ќе направам се нивната реализација да тече според предвидените рокови.

Најавувате сериозна динамика во реализација на планираните капитални инвестиции.Како ќе го направите тоа во услови кога странските директни инвестиции во вториот квартал од годинава се во длабок минус а искористеноста на инвестициите од страна на Министерството за транспорт и врски од почетокот на годинава е 85,4%? Дали и колку последиците од КОВИД 19 ќе влијаат на овој процент до крајот на годинава?

-Капиталните инвестиции не се запрени. И за цело ова време на состојбата со Ковид 19 и во изборниот период па и во овој момент, сите проекти се реализираат континуирано. Морам да спомнам дека кај некои проекти има пролонгирање, од технички или правен аспект поради промени во техничка документација и слично, но тоа што е најважно е дека проектите се реализираат. Исклучително важен е фактот дека за сите проекти имаме обезбедено средства од буџетот или од меѓународни заеми, со што нема да се доведе во прашање реализацијата на капиталните инвестиции. Затоа најавувам борба за секој проект и поставување на систем кој ќе биде движечка сила на македонската економија. Паралелно со ова, внимание ќе посветам и на внатрешна доизградба и доекипирање на министерството за транспорт и врски кое ќе биде вистински стожер и координатор на процесите со тим на посветени професионалци.

Веќе имате увид во буџетот на Министерството за транспорт и во досегашната динамика на трошење на парите за планираните проекти.Доколку има ребаланс на буџетот, дали и кои ставки ќе барате да претрпат корекции? Од кои проекти ќе скратите а за што ќе барате повеќе пари?

-Го правам првичното скенирање и анализа на состојбите од сите аспекти, меѓу кои и аспектот на буџетот во Министерството за транспорт и врски. Од она што првично утврдив е дека проектите за изградба на водоводи и канализации ќе продолжат да се реализираат според планираното. Тука имаме средства на располагање и готови проекти кои во последниот период ќе се тендерираат. Во делот на изградба на социјалните станови сите средства се потрошени и доколку има потреба ќе побарам дополнителни средства за оваа намена. Финансирањето за изградба на магистралните гасоводи тече континуирано и верувам дека и таму ќе имаме сериозна реализација. Поддршката за патничкиот сообраќај во Железница континуирано се одвива, а имаме добра динамика во делот на ремонтот на неколку пруги во државата.

Очекувам наскоро пуштање во употреба на пругата Битола – Кременица како важен коридор за Пелагонискиот регион и алтернативна делница на коридорот 10. Информиран сум дека постои одреден застој на изградбата на пругата од Куманово до Бељаковце, проект кој долги години се соочува со големи проблеми при изведбата, за кој ќе направам консултации со МЖ Инфраструктура и заедно со Владата ќе ги носиме идните чекори и одлуки.

Дали ќе го продолжите силното темпо на изградба и реконструкција на патишта, комунална мрежа, железница… Пред неколку месеци германската фирма се повлече од изградбата на пругата Куманово- Бељаковце. Што ново се случува со овој долгогодишен проект? И покрај најавите и силните настојувања, стопиран е и проектот за гасоводот кој треба да минува низ Водно. Кога и како ќе се деблокира овој проект ? Тапка ли во место изградбата на автопатот Скопје-Блаце? Со какви проблеми се соочува МТВ за реализација на овој проект?

-Апсолутно и тука немам дилеми. За секој проект што е започнат се обезбедени средства и ќе барам интензивна ангажираност на вработените во министерсвтото, па и во другите институции во ресорот за тие да се реализираат. Ме прашавте за железничкиот Коридор 8, ќе потенцирам дека ќе се направат сите напори за што е можно побрзо да се најде решение и да продолжи изградбата на пругата. Знаете ние со Република Бугарија потпишавме меморадум со рокови и се обврзавме тие рокови да ги почитуваме. Во делот на гасификацијата нема застој.

Експропријацијата се работи континуирано преку Национални Енергетски Ресурси и тука имаме добра реализација и така ќе продолжиме со тој проект. Ветивме Гасификација на земјата и на тоа работиме. Кога ме прашавте за автопатот Скопје – Блаце, веќе имав средба со директорот на ЈП за државни патишта. Тој ме информираше дека фирмата изведувач веќе е воведена во работа и во тек се подготвителни работи за старт на изградбата на оваа значајна патна врска.

Како градоначалник на Штип амбициозно се нафативте со процесот на гасификација но дојдовте само до проект за секундарна гасификација.Во една ваша изјава како еден од проблемите посочивте дека немањето искуство е причината поради која кај нас има мал број фирми кои умеат да изработат проект за гасификација.Дали и како може да се забрза овој процес на ниво на цела Македонија и каде ги препознавате најголемите предизвици на овој пат?

-Секој почеток во одредена нова сфера и проблематика е тежок и со малку искуства. Република Северна Македонија во првите 25 години од својата независност многу малку беше фокусирана во процесот на гасификација, со исклучок на кракот до Скопје кој беше изграден во 90- тите. Денеска веќе имаме сериозни исчекори и планови за развој на гасификацијата како алтернативен енергенс за граѓаните и компаниите. Од овде можам да кажам дека магистралните гасоводни линии се градат со сериозен прогрес на работите, а Владата веќе донесе одлука да се спрвоеде јавен повик за јавно приватно партнерство за изградба на секундарната гасоводна мрежа низ градовите во државата.

Бидејќи јавниот повик го води Министерство за економија, колку што сум информиран министерството веќе ја спроведува постапката, две компании имаат поднесено понуда и очекуваме во следниот период да се избере изведувач. Но, пак ќе спомнам постапката ја води Министерство за економија и да почекаме да видиме каков исход ќе има целата таа работа. Она што е важно е дека Гасификацијата е примарен проект на Владата и ќе продолжиме заеднички да ја реализираме за да овозможиме поефикасна и поевтина цена на енергесот за индустријата и за домаќинствата.

По професија сте архитект, но со години политичар, пратеник , градоначалник и сега за прв пат на една од клучните позиции во извршната власт .Се залагате за транспарентност, соработка , за постојана борба на идеи. Дали сега, од оваа позиција , со овој пристап ќе успеете повеќе да го „отворите” Министерството за транспорт за кое дел од институциите, организациите, компаниите,.. имаат забелешка дека е „тешко да се соработува“?

-Транспарентноста и отчетноста се дел од начелата за работа на Владата предовена со СДСМ и секако дека ќе продолжиме да ги спроведуваме заедно. Министерството е отворено за секој еден граѓанин, за секоја компанија, за нови идеи и проекти, така да јас сум отворен за секоја соработка. Токму поради ова јас веќе остварив средба со Деканот на Архитектонскиот Факултет и професори од факултетот, претставници на Комората на овластени инженери и архитекти и Асоцијацијата на архитекти. Остварив средби заедно со Премиерот и економскиот тим на Владата со Стопанските комори и Сојузот на синдикати. Секако продолжувам и понатаму во тесна соработка со сите општествени чинители со цел изградба на едно модерно и отворено министерство.

Калина В. Стојановска

Слични содржини