Интервју со проф. Лилчиќ Адамс: Нема археолошки локалитет на којшто не се следат траги од илегални ископувања

Лилчиќ Адамс за „Локално“: Македонскиот народ во моментот се наоѓа во период на висока зрелост и потрага по нови хоризонти. Многу пати бев сведок на искрени изненадувања на луѓе кои не ни сонувале дека до нивното родно место во древните времиња постоел значаен древен град или тврдина.

од Даниел Ѓорѓиевски
196 прегледи

Нашата земја Република Македонија, поседува над десетина илјади археолошки локалитети, и ние здружени, археолози, авторите на археолошките студии, водичи и монографии, Управата за заштита на културното наследство, локалните општински управи со градоначалниците, Министерството за култура и туризам, владата на Републиката, би требале да создадеме ефектен модел на туристички понуди од сферата на археологијата и музеологијата.

На младите археолози им требаат конкретни работни места, вели во интервју за „Локално“ универзитетскиот професор и археолог Виктор Лилчиќ Адамс кој е автор на повеќе од 100 научни труда и 15 монографии.

Професоре, вие сте активен повеќе децении  на археолошките локалитети во државава, може ли на читателите да им ги доловите вашите теренски истражувања?

-Со активни теренски археолошки истражувања започнав во мај 1974 година. Така што оваа година се навршуваат 50 години интензивни археолошки истражувања во катагодишен континуитет.  Најзначајни се поедини локалитети од камената епоха, бронзеното и железното време, меѓутоа според визуелната и цивилизациската репрезентативност предничат градови од епохата на антиката. Делумно и од средниот век. Создавачите на првата цивилизација во Република Македонија ни ги испратиле да се грижиме за нив нивните градови: Гортинија (Гевгелија), Идомене (Марвинци), Добер (Валандово), Астрајон (Струмица), Астибо (Штип), Билазора (Велес), Алмана (Кочилари), Антигонеа (Неготино), Аударист (Дреново), Пелагонија (Крушевица и Бонче), Линк (Црнобуки), Лихнид (Охрид) и други. Во Римскиот царски период процутеле Скупи (44 ха), Стоби (19 ха), и неколку други, кои продолжиле да егзистираат оние раноантички градови кои се наоѓале на значајните патни магистрали. При моите истражувања констатирав и утврдив откритија кои се во контекст на античките патишта, архитектонската камена пластика од храмовите, ранохристијанските објекти, како и од загробните споменици на античките старожители на Република Македонија, потоа нумизматиката но најмногу ме преокупираше полеогенезата. Како дел од мојот научен опус имам изработно археолошка типологија на архитектонската камена пластика за територијата на Република Македонија (тоа беше мојата докторска дисертација, публикувана во два тома под насловот Македонскиот камен за боговите, христијаните и за живот по животот. Предложив научни тези, базирани врз археолошките истражувања, за убикациите на античките градови: Пелагонија кај Бонче и Крушевица (со колегата професор д-р Антонио Јакимовски), Линк центарот на горното македонско кралство Линкестида (кај Црнобуки), Билазора на Велешкото Кале Велес, Алмана (Кочилари) на реката Вардар, Достонеи (Пештани во Мариово). Со тимовите археолози кои ги организирав посетивме околу 800 древни фортификации. Успеавме да откриеме огромен број недвижни и движни археолошки наоди поврзани со северниот дел на античкото кралство Македонија, што се ширело на територијата на Република Македонија. Можам да кажам дека Република Македонија поседува круцијални археолошки научни потврди за фактот на екстензијата на античкото кралство Македонија на целата своја територија.  Се занимавав со античките патни магистрали Егнатискиот пат, Дијагоналниот пат од Хераклеја преку Стоби за Пауталија. Како и студијата за античкиот пат Via Axia со мојот пријател од Рим, Микеле Фасоло (инаку автор на светски познатата студија Via Egnatia). Успеав да го убицирам средновековниот град Дебрец на Требенишко Кале, Требеништа во општината Дебрца, споменат во изворите во 1330 година, во воениот поход на царот Андроник III Палеолог за одбрана на Охрид од нападите на Србите.

Виктор Лилчиќ Адамс

Виктор Лилчиќ Адамс

Во каква состојба се наоѓа денес археологијата кај нас, кои се предностите и слабостите кои може посебно да се истакнат?

-Сведоци сме како македонската археологија е во забележителен пораст. Секоја година се случуваат големи археолошки откритија. Еве минатата година колегата д-р Перо Арџанлиев од Археолошкиот музеј на Македонија откри интактна гробница од архајското време на некој висок локален дасаретски благородник.  Мојот тим успеа да открие значајна визуелна врска помеѓу кастелите над Демир Капија, преку Богданци, со кои биле алармирани граѓаните на Пела, главниот град на кралството Македонија како и Тесалоника, втората античка македонска кралска престолнина. Ние археолозите реализиравме огромен број откритија. Меѓутоа на ред се првенствено локалните општини. Тие се законски сопственици на археолошкото наследство, со кое што треба повеќе да се занимаваат. Да се грижат за неговата заштита, за ангажирање на советници археолози за селектирање на археолошки локалитети – општински фаворити за развојот на локалниот археолошки туризам, потоа археолошки тимови за откривање на овие локалитети, заштитари за нивно конзервирање. Потоа да организираат патеки до и низ локалитетите, инфо табли. И тоа се со цел да плодовите од нашите археолошки истражувања и нивните општински залагања за сопственото археолошко наследство, што поскоро да ги употребат во археолошкиот и културен туризам на општината.  Освен тоа потребно е што поскоро да се активира нов музејски модел. Тоа може да биде потполно нов градски музеј покрај најрепрезентативниот археолошки локалитет (примерот со Стоби), или музејски депанданс лоциран веднаш до локалитетот и современата патна магистрала.

Вие сте и редовен професор на Филозофскиот факултет, колку денес младите се заинтересирани да студираат археологија

-За жал интересот на младите за студирање на археологијата, во текот на последната деценија значително опадна. На ова место не би се впуштал во коментирање зошто е тоа така, но би истакнал дека за надминувањето на слабиот интерес кај младите, потребна е соработка помеѓу надлежните органи во насоката за организација на најмалку една археолошко – туристичка магистрала, со примена на моделот музеј или музејски депанданс на самите магистралати, особено во поглед на големите локалитети и актуелни градови. Младите не гледаат визија за себе и не се пронаоѓаат во   археологијата, поради што ние како општество мораме час поскоро да оформиме музеи со рентабилно работење и заработување. Нашата земја Република Македонија, поседува над десетина илјади археолошки локалитети, и ние здружени: (археолозите, заштитарите, уметниците (произведувачи на сувенирите), авторите на археолошките студии, водичи и монографии, Управата за заштита на културното наследство, локалните општински управи со градоначалниците, Министерството за култура и туризам, владата на Републиката, би требале рестартитаме ефектен модел на туристички понуди од сферата на археологијата и музеологијата. На младите им требаат конкретни работни места.

Како ќе го оцените интересот на граѓаните за материјалното културно наследство? 

-Македонците  се живо заинтересирани за археолошкото наследство. Дел од јавноста (нема да ги окаректеризирам како поединци) е добронамерена и заинтересирана за имплементација на археолошките содржини во развојот на локалните човечки заедници. Друг, значително помал дел најзлонамерно врши илегални дејствија на археолошките локалитети. Додека трет дел го злоупотреубаат археолошкото наследство за манипулирање на јавноста. Би ги споменал напорите на хрватскиот магистер по политички науки Домагој Николиќ кој тргна да ја убедува јавноста дека гробот на Александар Македонски се наоѓал кај селото Црнилиште во Овче Поле.  Во текот на последните двеипол децении, би рекол од моментот на одвојувањето на Република Македонија од СФР Југославија, за брзо време со порастот на патриотизмот и потрагата по информации за потеклото на Македонија и Македонците, се појавија голем број квази научници, кои од ракав измислуваат секакви лажни информации поврзани со минатото, па што е најстрашно одат низ Македонија и по светот држат предавања кои никој не ги контролира, јавно изнесуваат непроверени неточни идеи и хипотези, публикуваат книги за кои не постои никаква цензура, во насоката дека нанесуваат ненадоместлива штета на угледот на Република Македонија и официјалната наука.

Кои се вашите планови за тековната година, дали и каде ќе истражувате и колку локалитети планирате да посетите и истражите, и што да очекуваме од вас во иднина?

-Јас по традиција продолжувам со теренските археолошки истражувања. Оваа година со мојот тим селектиравме 95 локалитети со фортификациски периметар во рамките на целата територија на републиката. Дел од нив се мали градчиња, поголемиот дел кастели, некои на повисоки позиции од 1000 метри надморска височина, некои ниски крапатни кастели стражи. Ќе биде особено напорно но јас сум оптимист. Обезбедивме една сума. Покренавме донаторски акции преку две фондации, бидејки една експедиција во просек чини од 3-7.000 денари, гориво, сервисирање на теренското возило, патарини и т.н.  Во текот на наредните два до три месеци излегува од печат студијата за Убикацијата на античкиот град Пелагонија, со колегите Антонио Јакимовски и Душко Темелкоски. До крајот на оваа година би требало да ја завршиме студијата за античката Демир Капија со колегите професори и археолози. Од 2026 година на ред се корпусите за античките тврдини од раната и доцната антика што според планот претставуваат обемни археолошко-историски енциклопедии на полеогенезата на територијата на Република Македонија.

Д.Ѓ.

Слични содржини