ИНТЕРВЈУ со Славески: Не можеме да очекуваме стабилизирање на инфлацијата доколку не се напушти популизмот во економијата

од Vladimir Zorba

Загрижува климата наметнната од страна на Владата предводена од СДСМ и ДУИ да се троши незаработеното во економијата и јавањето на крилјата на популизмот како модел на практикување на власта. Со настапот на енергетската криза и војната во Украина, да ја искористам изреката на легендарниот инвеститор Ворен Бафет, настапи осека и се виде дека сме се бањале без костим за капење. Значи, и со релативно брза разврска на конфликтот во Украина не можеме да очекуваме стабилизирање на инфлацијата доколку не се напушти популизмот во економијата, вели во интервју за „Локално“ Трајко Славески, поранешен министер за финансии и актуелен претседател на Советот на Град Скопје.

Според него, длабоки и храбри резови во реформа на јавната администрација и ослободување на човечки потенцијал за работа во приватниот сектор, дополнето се одлучна борба против сивата економија и корупцијата на сите нивоа, би помогнале да се постави солидна основа за нов модел на економски раст кој ќе се темели на создавање вредност преку поддршка на секторите во кои земјата има конкурентска предност на меѓународните пазари.

Во однос на новото зголемување на основната каматна стапка на Народната Банка за 0,5 п.п. до нивото од 3,50%, Славески вели дека сегашното ниво на каматната стапка на централната банка не обезбедува сериозна борба против високата инфлација.

– Мерките што сега ги носи Народна банка, според ова, целосен ефект ќе имаат дури есента наредната година.Се тргнува од погрешна претпоставка дека, наводно, инфлацијата кај нас со 75% се должи на увезени фактори, а остатокот се домашни фактори. Лично мислам дека е обратно, истакнува тој.

За конфликтот во Град Скопје помеѓу неговата партија и Арсовска, истакнува дека не очекувал дека состојбите ќе ескалираат до овој степен.

– Очекувам Советот и во иднина да работи ефикасно. Единствената разлика е во тоа што градоначалникот Арсовска ќе го нема комодитетот што го имаше до пред извесно време позади себе да има стабилно мнозинство во Советот што ги поддржуваше сите нејзини предлози, иако понекогаш советниците имаа дилеми дали да го дадат својот глас за одреден предлог, посочува Славески во интервјуто.

Во последниов период е актуелен конфликтот помеѓу вашата партија и градоначалничката Арсовска. Многу обвинувања се упатија од двете страни, но граѓаните ги интересира како понатаму ќе функционира Советот. Дали конфликтот значи и стопирање на идните проекти?

-Искрено, не очекував дека состојбите ќе ескалираат до овој степен. Градоначалникот Арсовска во изминативе неколку недели на прашања на новинари и на нивно чудење во неколку наврати истакна дека немала комуникација со претседателот на Совет на град Скопје од самиот почеток на мандатот затоа што „немало прашања за кои можела да се консултира“. Во досегашната кариера сум сретнал разни карактери и се приспособив на нејзиниот однос и Советот до сега работеше многу ефикасно. По цели две години организирање седници по електронски пат од самиот почеток преминавме на седници со физичко присуство. Советот и советниците беа до таа мера ефикасни што во изминатите десет месеци се одржани и целосно завршени 18 седници, на кои е дебатирано и се донесени одлуки по сите точки предложени од градоначалник и од советниците.

Очекувам Советот и во иднина да работи ефикасно. Единствената разлика е во тоа што градоначалникот Арсовска ќе го нема комодитетот што го имаше до пред извесно време позади себе да има стабилно мнозинство во Советот што ги поддржуваше сите нејзини предлози, иако понекогаш советниците имаа дилеми дали да го дадат својот глас за одреден предлог. Таа на чуден начин се откажа од тоа мнозинство и според гласањето по неколку точки од дневниот ред на последната 18-та по ред седница се виде дека од вкупно 45 советници таа има поддршка од само еден советник (од партијата ГРОМ). Мнозинството во Совет на град Скопје, предводено од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за Обнова на Македонија, ќе ги поддржи сите проекти од програмата „За модерно Скопје“ со која Арсовска победи на минатогодишните локални избори, во најголема мера со гласовите што ѝ ги обезбеди ВМРО-ДПМНЕ.

Сметате ли дека треба предвремени локални избори за Скопје, со оглед дека Арсовска ја загуби довербата и од партијата поради која победи на изборите?

– Во овој момент нема потреба од предвремени локални избори. Се надевам дека градоначалникот Арсовска конечно ќе разбере дека нејзината работа би била јалова без соработка и поддршка од членовите на Совет на град Скопје. Во спротивно, Советот има голем број квалитетни и активни советници, од мнозинството и од опозицијата, кои се подготвени да предлагаат иницијативи и да носат одлуки, се разбира во рамките на програмата „За модерно Скопје“, кои градоначалникот и сите институции во надлежност на градот ќе мора да ги спроведуваат.

Како ги коментирате последните мерки на Владата за справување со кризата – помошта за најранливите и пензионерите, и дали сметате дека евентуалното продолжување на летното сметање на времето ќе го олесни товарот за граѓаните?

– Секој сет на мерки за помош на граѓаните треба да се цени во контекст на вкупните состојби во економијата. Македонската економија е во лоша состојба. Покрај анемичниот раст и заканите од повторна рецесија, инфлацијата од близу 20% (18,7% годишна инфлација во септември споредено со истиот месец минатата година) е највисока во последниве 25 години. Ова е вистински шок за помладите генерации. Во вакви услови, скромната и временски ограничена поддршка за најранливите социјални групи во општеството и за пензионерите е недоволна да им обезбеди барем минимална сигурност за преживување во претстојната зима.

Предлогот за продолжување на летното сметање на времето е несоодветно поставен. Вреди да се разгледа можноста за премин од Централно европско на Источно европско сметање на времето. Од нашите соседи, Бугарија и Грција се во зоната на Источно европско време. Пред 14-15 години на една владина комисија го изнесов овој предлог но немаше подготвеност во тоа време да се дискутира по оваа тема. Лично мислам дека ние географски припаѓаме во зоната на Источно европско сметање на времето, но би било идеално евентуална промена да се направи заедно со Србија и Косово како наши значајни трговски партнери.

Македонија се задолжи со 530 милиони евра за буџетски потреби. Колку оваа криза се претвора и во финансиска?

– Заемот од ММФ во рамките на аранжманот за претпазливост и ликвидност не ги решава проблемите со финансирање на буџетските дефицити и навремено сервисирање на обврските по долгови кои доспеваат за наплата во блиска иднина. Повеќе станува збор за индикативен аранжман кој може да послужи како сигнал за приватните кредитори на финансиските пазари за задолжување на подолг рок од рокот на кој е одобрен овој заем, кој изнесува само две години. Дури во меѓународните финансиски кругови се смета за „непристојно“ позначително користење на рамката на расположливи средства од аранжманот за претпазливост и ликвидност. Јавниот долг значително порасна, а условите на пазарите постојано се влошуваат. Иако не може да стане збор за поголеми потешкотии во сервисирањето на обврските спрема кредиторите, во наредните неколку години трошоците за сервисирање на каматите и отплата на главницата кај доспеаните обврски ќе претставуваат сé поголем товар за државниот буџет, на сметка на развојни проекти. Со финансиска криза би се соочиле единствено во услови на длабока и подолготрајна рецесија во европската економија, што е тешко да се предвиди од денешна перспектива.

Скапата струја става „катанец“ на голем број бизниси. Велат ако падне стопанството на колена, ќе „паднеме“ сите, па има ли начин да се сопре колапсот кој претстои?

– Сé зависи од тоа колку ќе трае енергетската криза. Во период од едно до две тримесечја ќе се обезбедат ресурси, главно преку задолжување и нужно штедење енергија, за да се преброди кризата. Подолготрајна криза со високи цени на природниот гас, електричната енергија и нафтените деривати нужно ќе наметне потреба од промени во структурата на стопанството, при што високо-интензивните потрошувачи на енергија ќе почнат да затвораат и ресурсите, вклучително и работната сила, ќе се селат во дејности кои се помалку зависни од потрошувачка на енергија.

Ковачевски вели дека таму каде што има плати далеку над просекот треба да се намалат, како еден од начините за намалување на трошоците, согласно со Планот за фискална одржливост што го усвои Владата за буџетските корисници. Како ја оценувате оваа мерка?

– Премиерот Ковачевски и неговите гласноговорници до само пред некој ден се фалеа со растот на платите (а платите реално опаѓаа во изминатите две години заради високата инфлација). Не е далеку од вистината, дека наводниот раст, односно илузијата дека платите се зголемуваат, заради неуспесите на речиси сите полиња, беше единствената карта на која СДСМ и нивните коалициски партнери планираа да настапат пред гласачите на следните предвремени или редовни парламентарни избори. Сега ќе ги намалувале платите во јавната админстрација и тоа, внимавајте, кога сеуште не е применет членот 8 од Закон за минималната плата за усогласување на платите со порастот на минималната плата и покрај истекот на рокот од шест месеци предвиден за тоа, за што синдикатите имаат доставено и тужба пред надлежен суд! Станува збор за уште еден недоволно обмислен потег на Владата кој ќе има повеќе негативни од позитивни ефекти.

Што според вас, како поранешен министер за финансии треба да се направи на краток рок за да се преживее, како што ја нарекуваат „една од најтешките зими по децении“?

– Многу малку може да се направи. Сведоци сме дека властите трескавично се обидуваат да обезбедат енергенси за работа на топланите во главниот град, со кои се загреваат не само над 50.000 домаќинства, туку и голем број државни институции, училишта, детски градинки, факултети, објекти од областа на културата, трговски објекти, административни згради и сл. Сé се сведува на „надеж“, а едноставно правило е дека надежта не е план. Проблемите ќе беа посовладливи доколку не се доведевме во ситуација да имаме историски најниско домашно производство на електрична енергија. Иако државата не може да ги заштити сопствените граѓани од секаков вид на ризик, сепак нашата држава е исклучително неподготвена и останува да се надеваме на поблага зима (простете, но ова не е план!) и максимално да штедиме енергија во домовите и на работните места.

Министерството за финансии најавува даночна реформа. Колку оваа реформа ќе значи воспоставување праведен даночен систем? Треба ли, според вас да се покачат даноците за оние кои најмногу заработуваат?

– Познавачите и експертите во областа на јавните финансии се речиси согласни дека предложените мерки и замисли во областа на даночната сфера од страна на Министерството за финансии не заслужуваат да се окарактеризираат како даночна реформа. Вашето прашање како да ја имплицира правичноста на даночниот систем како врвен приоритет на најавените мерки. Мислам дека Владата е повеќе заинтересирана за прибирање на повисока маса даноци. Се гледа дека и кај предлагачите постои сериозна дилема дали да се премине на прогресивно оданочување од почетокот на идната година.

Повеќе пати имам јавно кажано дека сега не е време за промени во даночната сфера, особено не за подлабока реформа. Од досегашните дискусии јасно се гледа дека предложените мерки немаат поддршка во јавноста особено не во рамките на бизнис заедницата. Покрај штетата што би ја предизвикало напуштањето на концептот на „рамен данок“, неумесно е започнувањето со оданочување на каматите на орочените штедни влогови. Штедењето во моментов и во услови на негативна реална каматна стапка од над 15% е сериозно загрозено од еден невидлив данок кој во теоријата се нарекува „инфлациски данок“. Исто така, укинивањето на ослободувањето од оданочување на реинвестираната добивка би била една од најпогрешните мерки во сегашните околности. Владата ќе ја зголеми праведноста во оданочувањето доколку сериозно се зафати со намалување на сивата економија каде се одлеваат стотици милиони евра приходи кои би биле сериозна поткрепа на државниот буџет.

На крајот, промените во даночната сфера во услови на крајна неизвесност можат да имаат фатални последици по кариерите на министрите за финансии. Новиот премиер на Велика Британија, г-ѓата Лиз Трас, во петокот го жртвуваше неодамна назначениот министер за финансии, господинот Квартенг, заради турбуленциите што на финансискиот пазар ги предизвикаа некои најавени мерки во даночната сфера, поддржани и од самата г-ѓа премиер.

Народната банка повторно ја зголеми основната каматна стапка за 0,5 п.п. до нивото од 3,50%. Очекувате ли да се продолжи со зголемувањето и дали политиката на Народна банка е соодветна во услови кога годишната стапка на инфлација е 18,7%?

– Нема сомнение дека НБРМ и понатаму (постепено, според најавите) ќе ја зголемува основната каматна стапка во насока на порестриктивна монетарна политика. Покрај ова, централната банка презема и други мерки во нејзина надлежност, како, на пр., кај задолжителната резерва во насока на заострување на условите за кредитирање. Кога тврдиме дека беше задоцнета реакцијата со затегање на монетарната политика се мисли на т.н. „временско доцнење“ кај мерките на монетарната политика чиј ефект се очекува дури по 12-15 месеци. Мерките што сега ги носи Народна банка, според ова, целосен ефект ќе имаат дури есента наредната година. Сегашното ниво на каматната стапка на централната банка не обезбедува сериозна борба против високата инфлација.

Се тргнува од погрешна претпоставка дека, наводно, инфлацијата кај нас со 75% се должи на увезени фактори, а остатокот се домашни фактори. Лично мислам дека е обратно. Тоа го потврдуваат и некои меѓународно споредливи податоци кои основната стапка на инфлација (базичната инфлација), што се добива кога при пресметката на индексот се изостават цените на храната и енергијата, ја проценуваат на околу 13,5 процентни поени од вкупните 18,7% измерени во септември како општ пораст на трошоците на живот. Притисокот од страна на Владата преку зголемувањето на минималната плата во изминатиот период, кога продуктивноста во економијата бележи континуиран пад во последните 4-5 години, како и издатоците во време на пикот на пандемијата Ковид 19, се основните домашни фактори што ја подгрејаа инфлацијата.

Кога очекувате стабилизација на состојбата со инфлација и зголемувањето на цените на производите и услугите? Дали тоа ќе го донесе само крајот на војната во Украина?

– Загрижува климата наметнната од страна на Владата предводена од СДСМ и ДУИ да се троши незаработеното во економијата и јавањето на крилјата на популизмот како модел на практикување на власта. Со настапот на енергетската криза и војната во Украина, да ја искористам изреката на легендарниот инвеститор Борен Бафет, настапи осека и се виде дека сме се бањале без костим за капење. Значи, и со релативно брза разврска на конфликтот во Украина не можеме да очекуваме стабилизирање на инфлацијата доколку не се напушти популизмот во економијата. Цените на енергијата нема да се вратат на преткризните нивоа и економските субјекти ќе мора да се приспособат на новонастанатата ситуација. Длабоки и храбри резови во реформа на јавната администрација и ослободување на човечки потенцијал за работа во приватниот сектор, дополнето се одлучна борба против сивата економија и корупцијата на сите нивоа, би помогнале да се постави солидна основа за нов модел на економски раст кој ќе се темели на создавање вредност преку поддршка на секторите во кои земјата има конкурентска предност на меѓународните пазари.

В.З.

Слични содржини