Италија стравува од втор удар, жариштата не се смируваат

од Vladimir Zorba

Во Европската унија (ЕУ) најзагрижувачки се епидемиолошките податоци во Шпанија, Велика Британија, Германија и Франција, со стотици или над илјада нови случаи на Ковид-19 на ден, а Италија се плаши од нов бран на инфекција, пренесува италијанскиот печат.

Во Италија, ситуацијата е стабилна во однос на претходната недела, меѓутоа, асимптоматските случаи се малку зголемени, но болниците веќе не се преоптоварени и се проценува дека би можеле да го издржат „вториот бран“ на заразата.

Сепак, зголемувањето на заразените во Италија, забележано во последните денови, е загрижувачки за Научниот и техничкиот комитет, владино тело кое ја следи епидемиолошката состојба.

Ситуацијата е, наводно, под контрола, системот е во состојба да открие нови жаришта на време, но сè уште е загрижувачки зголемувањето на новозаразените лица во регионите на северот на Венето и Ломбардија, и на југот од Кампања и Сицилија.

Во последните 24 часа во Италија се регистрирани 386 нови случаи на заразени со коронавирус, бројот на лица во единицата за интензивна нега е 47, а уште 800 пациенти се лекуваат во болници, додека 11.435 се во домашна изолација. Досега во Италија починале 35.132 луѓе од почетокот на пандемијата.

Италијанското Министерство за здравство соопшти дека има многу жаришта во многу региони по пристигнувањето на луѓе од странство и дека ова се очекува, ако се земе во предвид дека вирусот ковид-19 се шири многу брзо во различни земји во светот.

Коронавирусот ја погоди тешко Европа, балканските земји беа погодени од бран на инфекција, а стотици мигранти пристигнуваат од области што се сметаат за ризични поради вирусот, пишува „Кориере дела Сера“.

Во Германија, каде за еден ден се регистрирани 955 нови случаи на Ковид-19, туристите кои се враќаат во таа земја по престојот во странство, ќе можат да бидат тестирани бесплатно, пренесува „Ла Стампа“.

Според податоците на земјите од ЕУ, од почетокот на кризата со вирусот Ковид-19, најмногу случаи се регистрирани во Шпанија – повеќе од 335.000, потоа во Велика Британија околу 303.000, Италија преку 247.000, Германија повеќе од 210.000 и во Франција околу 187.000.

Слични содржини