Израелската полиција упадна во џамијата Ал Акса: Неколку лица се повредени

од Stefanija Kuzmanovska

Израелската полиција рано утринава нападна десетици верници во џамијата Ал Акса во Ерусалим, навеле очевидци, палестинските власти, а исто така и полицијата ги потврдила овие наводи во соопштение, пренесува „Ројтерс“.

Полицијата соопшти дека интервенцијата била одговор на претходните немири и биле принудени да влезат во комплексот откако маскирани екстремисти се заклучиле во џамијата со пиротехнички средства, стапови и камења.

„Кога полицијата влегла во зградата, поголема група демонстранти гаѓале со камења и пукале со пиротехнички средства од внатрешноста на џамијата“, се вели во соопштението и се додава дека еден полицаец е ранет во ногата.

Палестинската Црвена полумесечина соопшти дека седум Палестинци биле повредени со гумени куршуми за време на физичка пресметка со израелската полиција во комплексот на џамијата Ал Акса.

Се додава дека израелските сили ги спречуваат нивните лекари да стигнат до џамијата.

„Седев на стол и го читав Куранот. Фрлаа шок бомби, едната ме погоди во градите“, изјавила за „Ројтерс“ жена надвор од џамијата, откако интервенираше израелската полиција.

Инцидентот предизвика протести низ окупираниот Западен Брег, а израелската војска соопшти дека девет ракети биле истрелани од Газа кон Израел, откако сирените се активирале во јужните градови.

Во соопштението се прецизира дека биле пресретнати најмалку четири ракети, а четири паднале на отворени површини.

Тензиите во комплексот на џамијата Ал Акса, кој Евреите го нарекуваат Брдо на храмот, се придружени со насилство во последниве години.

Палестинците ги гледаат честите посети и обидите да се молат на Евреите како провокација, а палестинските организации ги осудија последните напади на Израел врз верниците, кои ги опишаа како „криминални“.

Јордан и Египет, две држави вклучени во неодамнешните напори поддржани од САД за деескалација на тензиите меѓу Израел и Палестинците, објавија одделни изјави во кои го осудија инцидентот.

Слични содржини