Израелските резервисти бесни: „Синот на Нетанјаху ужива во Мајами Бич додека јас сум на фронтот“

од Stefanija Kuzmanovska

Израелските војници кои доброволно се пријавија да учествуваат во војната против Хамас, го осудија синот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, Јаир, затоа што остана во САД по почетокот на војната со палестинската милитантна група, каде што се пресели на почетокот на оваа година.

Стотици Израелци се вратија дома од странство откако армијата регрутираше повеќе од 300.000 резервисти да се борат во најголемата мобилизација во историјата на Израел, објави „Дејли Меил“.

Најстариот син на Нетанјаху, Јаир, има 32 години и ги исполнува сите услови за мобилизација, која вклучува луѓе до 40 години.

Тој ужива во Мајами

„Јаир ужива во својот живот во Мајами Бич додека јас сум на фронтот“, рече еден војник кој побара да остане анонимен од безбедносни причини.

Војникот рече дека луѓето одат на фронт и ги напуштаат своите семејства и работа, додека Јаир остана да ужива на плажата во Флорида, каде што се пресели оваа година.

„Тоа не помага да се изгради доверба во раководството на земјата“, рече војникот.

Иако никогаш не бил војник, Јаир ја отслужил својата задолжителна воена служба и работел во единицата на портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ).

Јаир се пресели во САД по контроверзите околу неговите активности на социјалните мрежи кога ги нарече „терористи“ стотици илјади Израелци кои протестираа против владините судски реформи и ги обвини САД за финансирање на немирите, пренесува „Танјуг“.

Слични содржини