Каде и како руските олигарси кријат пари низ светот?

од Milan1

Се проценува дека Русите кријат 1.000 милијарди долари ширум светот, главно во даночни раеви и лажни компании, а многу земји се обидуваат да им влезат во траг.

Една четвртина од оваа сума е контролирана од рускиот претседател Владимир Путин и неговите блиски соработници, богати Руси познати како „олигарси“, процени американскиот тинк-тенк „Atlantic Council“ во извештај од 2020 година, пренесе Би-би-си.

Со децении, руските олигарси префрлаат милијарди долари во странство на лажни компании за да им биде многу тешко да ги пронајдат.

Најголем дел од овие пари отишле во Кипар, поради поволните даноци. За некои, островот стана познат како „Москва во Медитеранот“.

Според „Atlantic Council“, само во 2013 година на овој остров биле префрлени 36 милијарди долари руски пари.

Во истата година, Меѓународниот монетарен фонд го принуди Кипар да затвори десетици илјади банкарски сметки на лажни компании.

Британските прекуморски територии, како што се Британските Девствени Острови и Кајманските Острови, се исто така пожелни дестинации.

Според извештајот на „Global Witness“, руските олигарси во 2018 година префрлиле околу 45,5 милијарди долари во овие даночни раеви.

Дел од руските пари го нашле својот пат до финансиските престолнини, како Њујорк и Лондон, каде што може да го инвестираат и со самото тоа – да го зголемат.

„Transparency International“ тврди дека британскиот имот од најмалку две милијарди долари е во рацете на Русите кои се обвинети за финансиски криминал или поврзани со Кремљ.

Руското перење пари дополнително беше откриено во извештајот „Руска перална“ на Проектот за известување за организиран криминал и корупција од 2014 година. Во него се наведува дека помеѓу 2011 и 2014 година, 19 руски банки испрале 20,8 милијарди долари за 5.140 компании во 96 земји.

Откако започна руската инвазија на Украина, многу земји најавија низа мерки за пронаоѓање на скриените руски пари, пишува Би-Би-Си.

Друг американски тинк-тенк, „National Endowment for Democracy“, вели дека Путин ги охрабрил блиските соработници да „крадат од државниот буџет, да изнудуваат пари од приватни лица, па дури и да организираат целосно запленување на профитабилни компании“.

Организацијата додава дека на овој начин создале лично богатство вредно десетици милијарди.

Руските опозициски лидери Борис Немцов и Владимир Милов тврдеа дека меѓу 2004 и 2007 година, 60 милијарди долари биле префрлени од нафтениот гигант „Газпром“ на пријателите на Путин.

Документите на Пандора објавени од Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари покажуваат дека луѓето блиски до Путин станале многу богати и дека би можеле да му помогнат да го пренесе сопственото богатство во странство. Откриваат дека само една компанија отворила 2.071 лажни фирми за богатите Руси.

Слични содржини