Каде правеше „генералка“ денеска Јакимовски? Карпош 3 се дави во ѓубре, надлежните ги оставаат кафеаните да прават што сакаат

од Vladimir Zorba

Ова е секојдневна глетка на ул. Никола Русински во скопската населба Карпош 3.

Граѓаните кои со децении живеат на оваа улица велат дека во Карпош волку валкано никогаш не било.

Иако пријавувани во повеќе наврати од граѓаните кои живеат на Русински, кафеаните „Буре срна“ и „Сидро 2“ се тие кои го прават овој хаос, откако нивниот отпад од кафеаните го фрлаат во (до) подемните контејнери.

Зошто никој не се наоѓа засегнат од општинските и инспекторските власти да ги казни овие недела на кафеаните, веројатно самиот Стевчо Јакимовски треба да одговори.

А истите тие две кафеани го прават и најголемиот хаос со паркирањето на среде улица. Гостите на кафеаните, кои очигледно немаат никаква култура и потикнати од непостапувањето на општинските власти, како и од пајак службата, ја уништија целосно околината и го уништуваат мирниот живот на жителите.

Првиот човек на Општината, Стевчо Јакимовски, велат неговите ПР-и, бил голем поборник за здрава и чиста околина,а денеска се вклучил и во еко акција и задоволно истакнал дека Општина Карпош е една од почистите Општини во Градот.

-Во моментов се случува пролетна акција за чистење на Општина Карпош, и сите вработени во Општината се вклучени низ целата територија на исатата. Се собира и најмалото хартивче, иако со задоволство можам да истакнам дека нашата Општина е една од најчистите Општини. Среќни сме што имаме поддршка и од најмалите, оние кои несоменно треба да се грижат за хигиената и природата. Од она што на терен сега собираме најголем дел се најлончиња од опаковки од цигари, пикавци, запалки, што значи дека пушачите се најнеодговорната група кои се жители на Општина Карпош или кои поминуваат низ оваа Општина Би сакал да упатам апел до нив, секое хартивче да се стави во џеп и да се фрли во најблиската корпа-рече Јакимовски.

Каде Јакимовски виде дека Општината е чиста кога граѓани секојдневно упатуваат жалби и се борат со лудилото кој токму тој го поттикнува со своето непостапување.

Јакимовски да почне да го решава и проблемот со паркирањето во општината, која е во целосен хаос и им го загорчува животот на сите. Паркирање на среде улица, среде тревници, уништување на рампи кои самите граѓани си ги платиле веднаш до Сити Мол, за да се спасат од дивите посетители, се само дел од катастрофата која му се случува на Карпош 3.

Исто така, Јакимовски треба да се зафати со кафеаните „Буре Срна“ и „Сидро 2“ кои го загадуваат целиот простор, иако треба посебно да го одлагаат своето ѓубре, тие го фрлаат во подземните контејнери, кои се наменети, и ги платиле граѓаните кои живеат на Русински. Поради остатоците од храна, целата населба мириса на мрша, па нечесто жителите се жалат како да живеат на депонија.

Граѓаните на „Никола Русински“ упатуваат повик до градоначалникот конечно да се зафати со работа и да ги решава реалните проблеми на карпошани, а не да „собира пикавци и најлончиња“.

В.З.

Слични содржини