Како наглата промена на времето ја влошува здравствената состојба

од Stefanija Kuzmanovska

Наглите временски промени не му дозволуваат на нашиот организам да се прилагоди на нив, па здравите луѓе и луѓето со хронични заболувања на нив реагираат со различни симптоми.

Срцеви проблеми, астма, болки во коските…

Повеќето од нас барем еднаш почувствувале промени во телото поради ненадејна промена на времето. Според податоците на Светската здравствена организација, хроничните болести на чие влошување може да влијае ненадеен скок или пад на температурата вклучуваат повеќе од 50 заболувања.

Во наредните денови кога ќе се промени времето и ќе падне температурата, може да очекуваме полошо расположение, несоница, главоболки кај луѓето кои патат од главоболки, болки во зглобовите, коските и мускулите. Ненадејните температурни промени најмногу ќе ги почувствуваат хронично болните и постарите лица, велат експертите.

Со ненадејна промена на времето, срцевите пациенти мора да бидат особено внимателни. Познато е дека крвните садови се шират и се собираат на топлина и студ, што може да предизвика осцилации на крвниот притисок.

Промената на температурата за краток временски период од само неколку степени предизвикува стеснување на артериите, ограничен проток на крв и недостиг на кислород што стигнува до срцето, кое поради студеното време ја пумпа крвта побрзо за да се одржи топлината на телото. Тогаш притисокот расте и ризикот од срцев удар е поголем.

Поради наглото опаѓање на температурата, луѓето кои имаат проблеми со притисокот, но и проблеми со срцето, не треба да се изложуваат на претерани напори или тешка физичка работа и мора редовно да земаат терапија.

Астматичните напади може да настанат поради зголемена влажност во воздухот или поради поголема концентрација на полен, кој често го носи ветровито време, кое исто така ги лади воздухот и дишните патишта, што предизвикува стеснување на бронхиите во белите дробови и отежнато дишење.

За лицата со астма ваквата реакција може да биде опасна, затоа се препорачува земање на пропишаната терапија како превенција и следење на состојбата и текот на астмата, како и инхалирање по потреба.

Слични содржини