Како ОЈО оцени дека Иницијативата е беспредметна кога уште не е доставена и немаат сознанија за доказните материјали, прашуваат од Антикорупциска за „Труст“

од Nikola Popovski

По повод реакцијата на Јавното обвинителство (ЈО) објавена во медиумите, а во врска со сомневањата изнесени на јавна седница на ДКСК, за постапките кои се водени по предметот Труст, Антикорупциската комисија го истакна следното:

-Податоците кои беа изнесени на седницата, а која е задолжително јавна, согласно член 22 став 3 од Законот за спречување корупција и судир на интереси, во најголем дел се веќе познати на јавноста, а ДКСК изврши анализа и хронолошко поврзување на истите.

ДКСК и во овој случај постапи согласно надлежноста утврдена во член 17 став 1 точка 5, и одлучи да покрене Иницијатива за поведување постапка за кривично гонење по предметите по кои постапува.

Се поставува прашањето како ЈО ја оцени Иницијативата дека е беспредметна и неоснована и дека Комисијата при анализа на предметот немала пред себе бројни докази ниту увид во комплетната фактичка состојба, кога Иницијативата сеуште не е доставена, а ЈО сеуште нема сознанија кои доказни материјали сме ги обезбедиле при анализата на овој предмет.

Во духот на заедничка и организирана борба против корупцијата и организираниот криминал  целисходно е ЈО претходно да ги види сите факти и аргументи со кои располагаме, бидејќи целта на ДКСК е да придонесе при расветлувањето на овој случај, а не да ја компромитира постапката што се води во ЈО.

Меморандумот за соработка помеѓу институциите  е само израз на добра волја за соработка, но надлежностите се јасно дефинирани во законите, велат од Антикорупциската комисија.

ДКСК почитувајќи ги одредбите во Меморандумот за соработка на  ДКСК со ЈО, на редовна средба го извести обвинителството дека има сериозни сомнежи во врска со предметот Труст и дека ќе покрене Иницијатива за поведување постапка за кривично гонење.

-ДКСК и понатаму ќе продолжи да постапува согласно своите законски надлежности и да соработува со сите надлежни институции за борба против корупцијата и организираниот криминал, во интерес на владеењето на правото, стои во соопштението од институцијата.

Претходно Јавното обвинителство ја оцени како целосно беспредметна и непотребна иницијативата на ДКСК во врска со конфискацијата на имотот во предметот „Труст“.

-Иако Јавното обвинителство ќе ја прими иницијативата како и секоја друга претставка, крајно е нецелисходно ДКСК да поднесува иницијативи за кривично гонење за предмети во кои обвинителството веќе постапува. И покрај сите напори на Јавното обвинителство да остварува коректна соработка со ДКСК и да ја вклучи во активностите за борба против корупцијата, членовите на ова тело, наместо да ја насочат енергијата кон сопствените обврски, постојано се конфронтираат со другите институции, предизвикувајќи огромна штета на напорите за справување со корупцијата. Поради еднострано целосно непочитување на потпишаниот Меморандум за соработка, а особено прекршување на членовите 2, 3 и 6, Јавното обвинителство ги замрзнува сите активности предвидени и кои произлегуваат од тој меморандум, порачаа меѓу другото од Јавното обвинителство.

Слични содржини