Киев: Украинските сили напредуваа кај Бахмут

од Stefanija Kuzmanovska

Украинските сили напредувале за повеќе од еден километар во близина на источниот град Бахмут, објави во петокот портпаролот на украинската армија.

Ова е последната во низата изјави на Киев дека контраофанзивата започната на почетокот на јуни постепено дава резултати. Овие извештаи се во целосна спротивност со рускиот поглед на развојот на ситуацијата околу Бахмут.

„Одбранбените сили ја задржаа иницијативата, вршат притисок врз непријателот, вршат напади и напредуваат по северното и јужното крило“, изјави Серхеј Череваџи, додавајќи дека еден ден претходно украинските сили напреднале повеќе од еден километар.

Во близина на селото Клишчиивка, југозападно од Бахмут, украинските сили забележаа „делумен успех“.

Заземањето на селото ќе им помогне на украинските сили да ја вратат контролата врз Бахмут, град кој руските сили го зазедоа во мај по 10 месеци борби.

Руската агенција РИА, повикувајќи се на воени извори, објави дека руските сили го одбиле нападот на Клишчиивка и ја чешлаат областа за преостанатите украински војници.

Руските сили го држат Бахмут, а двете страни известуваат за тешки борби во областа. Украинските сили се обидуваат да го опколат градот и досега зазедоа голем број села на југот. Силниот отпор и минските полиња го забавуваат нивниот напредок.

Русија сè уште држи големи области на источна и југоисточна Украина.

Слични содржини