Кими: Не планирав да се враќам во Заубер, едноставно се случи

од desk4

По традиција, Кими Раиконен не беше воопшто расположен во разговорот со медиумите и појавувањето пред новинарите пред Гран При на Сингапур во неделата не беше исклучок.

Интересот за Финецот сега беше уште поголем, откако пред два дена од Ферари најавија дека се разделуваат со него по крајот на сезоната. Светскиот шампион за 2007 година ќе ја продолжи својата кариера во Заубер, каде што потпиша за две години.

Запрашан зошто го избрал овој тим, Кими врати остро: „Зошто да не? Едноставно сакав да се вратам. Но, не можам да разберам зошто треба да ги комплицирате работите. Додека јас сум среќен поради мои причини да правам нешта, сè ќе биде добро. Не ме интересира што мислат другите, а и никој не може да каже што ќе се случи во иднина“, изјави ветеранот пред насобраните новинари.

Запрашан дали продолжува да чуствува страст кон возењето, тој одговори повторно во типичен стил: „Всушност не. Бидејќи секој пат барате сензација, може да се каже дека ќе ги поминам несреќен следните две години во тимот“.

Стана јасно и кога почнале разговорите со Заубер, каде Финецот ја започна својата кариера.

„Во Монца сфатив дека Ферари ме ослободува. Разговорите со Заубер почнаа потоа. Знам луѓе од тимот од порано, но не можам да кажам дека сакав да се вратам. Тоа едноставно се случи. Не планирав такво нешто“,откри тој.

Кими не потврди и дали ќе му помага на Фетел во битката за титулата до крајот на сезоната.

Слични содржини