Кипар бара помош за да се запре ширењето на пожарите

од Stefanija Kuzmanovska

Кипар бара меѓународна помош во борбата против големите пожари, кои властите ги опишуваат како најлоши во историјата на земјата.

Пламенот, носен од силен ветер, се шири низ јужниот дел на земјата, поради што неколку села мораа да бидат евакуирани.

Оштетени се десетици имоти, а засега нема информации за жртвите.

Кипар се соочува со долготраен топлотен бран, со температури кои достигнуваат и до 40 степени Целзиусови

Експертите велат дека климатските промени ќе ја зголемат фреквенцијата на природни непогоди поради екстремни временски услови, како што се топлотните бранови. Сепак, би било комплицирано да се поврзе кој било настан со глобалното затоплување.

Кипарските власти побараа помош од Европската унија и Израел, бидејќи пожарите, кои започнаа во саботата, се засилија.

„Се пробиваше како ураган и уништи сè“, рече Васос Василу, водачот на локалната заедница погодена од пожарите.

Пожарникарите сега се во трка со времето за да спречат пламените јазици да се прошират на планинските и пошумените делови на земјата.

Претседателот Никос Анастасидес вели дека ова е „многу тежок ден“ за Кипар и дека „приоритет е да не се загубат животи“.

Тој исто така им се заблагодари на Грција и Израел, кои ветија дека ќе испратат противпожарни авиони. Авионите се очекува да пристигнат во текот на ноќта.

Европската унија исто така рече дека помошта е на пат.

Неколку хеликоптери и авиони веќе се борат против пламенот, а на нив им помагаат британските трупи со опрема стационирана на островот, пренесува новинската агенција „Ројтерс“.

Слични содржини