Кога правдата значи затвор, а вистината пораз

од desk4

Државните институции имаат обврска да ги почитуваат човековите права и да се погрижат ниту самите, ниту некој друг центар на моќта, поединци или групи да извршат насилство од било кој вид над било кого. Кој, ако не државата, е одговорна за почитување на човековите права? Затоа и постојат институциите. Кога државата е заробена, таа станува оружје во организирана криминална група за укинување и газење на човековите права.

 Па и не е толку сложена ситуацијата во нашата земја. Веќе одамна сме ги означиле со знаменца двете големи војски на македонската политичка мапа. Ги означивме и помалите војски и банди што како кутриња, грабливци или гадинки кружат околу големиве, час на едната, час на другата страна од мапата. Тие се остро спротивставени, нивните цели се дијаметрално спротивни, начинот на кој се борат и оружјето што го користат се различни. Едните се борат да ги уништат сите околу себе, да ја исцицаат земјата до последната капка а другите ги молат да се вразумат и да се придружат кон нивната цел. Едните ја заробија државата и сѐ уште ја држат во заложништво, а другите, какви-такви, туркаат некако, кон ЕУ, кон НАТО. Едните кон Исток, затоа што таму се безбедни нивните криминали, другите кон Запад, често со манири што немаат врска со Западот.

Од самиот почеток на долгиот пад на режимот на Фамилијата се забележува тој силен контраст. Режимот грчевито се бореше да остане нечепнат, да не ги стаса правната држава, да не ѝ дадат шанса на демократијата. Даваат сѐ да ја уништат секоја шанса на земјата да напредува кон богатиот Запад во кои владеат правото и демократијата. Сакаат повторно да ја поделат земјата, за да дојдат на власт и да дивеат како што дивееја порано.

Тие дадоа сѐ што може да се даде, па и милиони евра од милијардите што ги украдоа, само и само да не профункционира правната држава. Нормално, затоа што правна држава за нив значи затвор. Дадоа сѐ од себе, уште од првиот ден, да го осуетат СЈО да дојде до потребните докази. Од тоа што уште постигнале да растурат во и со СЈО, наскоро ќе дознаеме.

Сега даваат сѐ од себе да го осуетат законот за обвинителство, да обезбедат неказнивост за своите криминали. Нивните пратеници и функционери се служат со лажни вести, потпалуваат омраза, лажат и врескаат на сите страни. Ако се занемари деструкцијата (а не може и не смее), нема ништо посмешно од тоа кога цел еден пратеник безочно лаже на Фејсбук и, откако ќе го фатат, си продолжува со истиот израз на лицето како инспекторот Жак Клузо во филмот „Пинк Пантер“ кога со минијатурното аутце ќе ги лупне двете коли напред и назад и ќе се паркира како ништо да не било.

Последните примери на кои можам да се сетам се лажните вести на Милошоски и Стевананџија, а намесникот на Груевски, Мицкоски, да не го спомнуваме, дека многу смеење па и не е добро за стомакот. Со други зборови, како малиот Ѓокица си ја замислува политиката. Пак ќе кажам, да не се деструктивни, пребогати од еднодеценискиот грабеж и патолошки насилни, ќе беа само неиздржливо смешни. За нивните курири, можеме да кажеме само дека добро ја отсликуваат нивната глупост, деструктивност и неморал, освен што покажуваат со колку пари, всушност, располагаат. Да не се заборави, во оваа приказна сѐ поприсутна е руската врска, која овие две години стана повеќе од очигледна.

Со децении ги гледаме како сеат омраза, насилство и страв, со бескрајна тапост во погледите, а тоа го нарекуваат политика. И во една демократска држава, тукушто спасена од нивното погубно владеење, тие се сфаќаат сериозно. Да, знам, и тоа е демократија. Постојано да ја држиш раката испружена за партнерство, без оглед на тоа колку од другата страна има бесно куче што ја гризе таа рака.

И кога конечно слушнавме дека се подготвила и одлучно се турка, како што го нарекоа, предлог план за одлучна акција против ширење дезинформации и против напади врз демократијата, контра нападот беше очекуван. И повторно, како што им пречеше СЈО, како што им пречи обвинителство што ќе донесе правда, како што им пречи специјално судско одделение за криминал и корупција, така и акција против лажните вести, дезинформации и хибридните напади против демократијата и системот беше дочекана на нож од нивните бедни прислужници во медиумските мегафони што шират лажни вести, дезинформации и говор на омраза.

Значи, од тоа што го слушнав јас од говорниците во владата, кога го презентираа „планот за одлучна акција“ не видов дека се работи за загрозување на слободата на говорот, туку за нејзина одбрана. Тоа го кажувам од позиции на активист за човекови права подолго од три децении. И сите тие години сум бил дел од луѓето што биле мета на злото што со себе го носи говорот на омразата, жртва на структурното насилство што се служи со медиумски манипулации и дезинформации, постојано на листата на оние што „спружуваат на насловни“, постојано етикетиран како предавник и шпион. Затоа, на овој предлог план гледам со олеснување. Пред да биде предложен овој план, јас, како и илјадници луѓе, мои сограѓанки и сограѓани, сме жртви и се бориме, како знаеме и умееме против она за што сега и државата вели дека ќе преземе акција. Се разбира, со сите неопходни резерви и претпазливост, затоа што наша работа и одговорност е секогаш критички да гледаме на настаните и процесите.

Државните институции имаат обврска да ги почитуваат човековите права и да се погрижат ниту самите, ниту некој друг центар на моќта, поединци или групи да извршат насилство од било кој вид над било кого. Кој, ако не државата, е одговорна за почитување на човековите права? Затоа и постојат институциите. Кога државата е заробена, таа станува оружје во организирана криминална група за укинување и газење на човековите права.

Ако Фејсбук каже дека ја заострува борбата против лажните вести, велиме: „Ааа, браво, добро им текна!“ Ако новозеландската премиерка го повикува Фејсбук, ако веќе заработува од своите корисници, дека мора да преземе и одговорност за содржината што ја овозможува на глобално ниво и вели дека решително и остро ќе се бори против онлајн екстремизмот, ја поздравуваме. Ако тие стандарди се презентираат како предлог план во оваа држава, ако премиерот манифестира решеност да ја води владата кон исполнување на преземената обврска да ги одбрани граѓанките и граѓаните, преку меѓународно верификувани системи и стандарди, со помош на сите светски авторитети во оваа област, веднаш има проблем. Зошто? Навистина, зошто по ѓаволите?

И ова го велам со сето разбирање за оние што се секогаш подготвени да пронајдат опасност по човековите права и слободи во секоја, и најдобронамерна, постапка на власта. Еден од нив сум и јас, а веќе прочитав и неколку реакции во кои се гледа скепсата што, според мене е здраво и пожелно.

Не само во Северна Македонија, туку и насекаде во светот, сведочиме на ситуации кога, во обид да се спроведат токму демократски стандарди, се кршат човековите права. Со внимание, во најситни детали и нијанси, ние ги следиме тие постапки и секогаш реагираме на нив. Но, ако премиерот и неговиот тим решиле, конечно, да поведат акција против дезинформациите и ударите против нашата демократија, време е секој да го преземе својот дел од одговорноста. Власта мора да го спроведе планот без пардон. Секоја друга опција нема да донесе ништо добро.

До сега бевме сами во оваа борба со злото што го носат дезинформациите и хибридната војна против демократијата. Да се надеваме дека нема да останеме сами, затоа што куририте секако нема да престанат по донесување на тој план за борба против дезинформациите. Тие само ќе ја засилат својата борба против демократијата. Кремљ го очекува тоа од нив. Но, за мене и огромното, за жал, премногу тивко мнозинство, правдата значи затвор за разбојниците, а вистината значи пораз за нивните слуги.

пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА

CivilMedia

 

Слични содржини