Кој е Александар Шаленберг, новиот австриски канцелар?

од Vladimir Zorba

Актуелниот министер за надворешни работи на Австрија, Александар Шаленберг, когo поранешниот канцелар Себастијан Курц го предложи за нов шеф на австриската влада, се смета за добар дипломат, кој би можел да ги „смири страстите“ во владејачката коалиција.
Шаленберг имаше завидна кариера во последните години, иако, како што кажа во неколку наврати, не сакалтакво нешто.

Досега, тој не се занимаваше многу со дневната политика, но во неколку наврати покажа дека им припаѓа на „тврдокорните“ во однос на политиката кон илегалните мигранти.
Тој го привлече вниманието на јавноста пред неколку месеци со подигнување на израелското знаме во седиштето на министерството со кое раководи, како реакција на нападите врз израелските градови.

Шаленберг, инаку, не е член на Народната партија на Австрија (ОВП), која го доведе во владата.

Роден е во Берн, а израснал во Индија, Шпанија и Франција, бидејќи неговиот татко бил австриски амбасадор во неколку земји.

Студирал право во Виена и Париз, а потоа европско право на Европскиот колеџ во Бриж.

Првото дипломатско искуство го стекнал служејќи во правниот оддел на австриската мисија во ЕУ, а по враќањето станал портпарол на поранешната министерка за надворешни работи, Урсула Пласник, а подоцна и на нејзиниот наследник – Михаел Шпинделегер.

Кога Курц стана министер за надворешни работи, го промовираше на чело на одделот за планирање надворешна политика.

Во преговорите за формирање коалиција по изборите во 2017 година, Курц сметаше на Шаленберг, па го повлече во неговата канцеларија на позицијата началник на кабинетот за стратегии и планирање.

Тој дојде на позицијата министер по падот на првата влада на Себастијан Курц, по аферата „Ибица“; во која тогашниот коалициски партнер Партија на слободата (ФПО) „се сопна“.

Во експертската, преодна влада, тој ја презеде позицијата шеф на дипломатијата и остана на таа позиција и по формирањето на новата влада на Себастијан Курц со Зелените.

Шаленберг сега ќе мора официјално да го преземе кормилото и да го примени своето дипломатско искуство во секојдневната работа со коалицискиот партнер.

Шаленберг и Западен Балкан

Кога станува збор за Западен Балкан, Шаленберг долго време беше јасно за проширување на ЕУ.

Оваа година, тој во неколку наврати рече дека 2021 година не треба да биде изгубена година, како претходната година во однос на приближувањето на Западен Балкан кон ЕУ.

Како и Курц, тој го гледа Западен Балкан како непосреден сосед, чија интеграција во ЕУ ќе донесе стабилност и безбедност во Европа.

Може да се очекува дека тој ќе продолжи да се залага за проширување на ЕУ, но со инсистирање на исполнување на условите од двете страни, наведува Танјуг.

Слични содржини