Коронавирус во Италија имало и кон средината на декември

од Vladimir Zorba

Италијанските научници откриле траги од коронавирусот во отпадните води во Милано и Торино кон средината на декември, што укажува на тоа дека вирусот циркулирал во северна Италија дури и пред Кина да ги објави првите случаи.

Научниците од италијанскиот Национален институт за здравство испитале 40 примероци отпадни води собрани од пречистителни станици во северна Италија од октомври 2019 година до февруари 2020 година. Во анализата се вели дека примероците земени во Милано и Торино на 18 декември покажале присуство на коронавирус, пренесе Ројтерс.

„Ова истражување може да ни помогне да го разбереме почетокот на циркулацијата на вирусот во Италија“, рече Џузепина ла Роса, експерт во италијанскиот Национален институт за здравство, кој учествуваше во истражувањето.

Портпаролот на Институтот рече дека целосните податоци и студијата ќе бидат објавени следната недела.

Истражувањата во Холандија, Франција, Австралија и на други места откриле дека вирусот што предизвикува Ковид-19 може да се открие во канализацијата, а многу земји почнуваат да земаат отпадни води за да ја следат болеста.

Ројтерс наведува дека изјавите на научниците дека откривање на траги од вирусот пред крајот на 2019 година се во согласност со доказите во други земји според кои Ковид-19 можеби кружел пред Кина да ги објави првите случаи на 31 декември.

Ноел Мекарти, експерт во британското медицинско училиште Ворвик, рече дека откривањето на генетскиот материјал на вирусот во италијанската отпадна вода во декември е „сигурен доказ за случаи дека вирусот бил присутен во тоа време“.

Роланд Као, професор по епидемиологија на Универзитетот во Шкотска во Единбург, изјавува дека е веројатно дека болеста би можела да циркулира тогаш, но додава дека откритието во себе не кажува дали епидемијата во Италија се случила тогаш или е последица на подоцнежното внесување на вирусот во земјата.

Студијата на француските научници од мај открила дека човек бил заразен со вирусот на 27 декември, скоро еден месец пред Франција да ги потврди своите први случаи.

Ла Роса изјави дека присуството на вирусот во италијанските примероци на отпадни води не значи автоматски дека главните преносни ланци што довеле до развој на епидемијата во Италија, потекнуваат од овие први случаи.

Примероци во кои беа потврдени траги од коронавирусот, беа пронајдени и во канализациите во Болоња, Милано и Торино во јануари и февруари 2020 година. Примероците земени во октомври и ноември 2019 година беа негативни.

Слични содржини