Костадиновска-Стојчевска: „Букстар“ е платформа и предизвик за промена на светот преку литературата

од Nikola Popovski

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска синоќа во Младинскиот културен центар присуствуваше и се обрати на отворањето на деветтото издание на Фестивалот на европска литература „Букстар“.

Костадиновска-Стојчевска на отворањето, на кое присуствуваше и евроамбасадорот Дејвид Гир, поздравувајќи ги присутните истакна дека Фестивалот претставува искрен придонес во заемното запознавање на авторите и делата од домашната и од европската литература градејќи нова димензија на пријателството независно од културните и јазичните бариери. 

„Делата од европската литература на еден благороден начин го збогатуваат културниот простор афирмирајќи ја книжевноста на европските јазици. Тие имаат унверзална моќ да нè поврзуваат и да нè воведуваат во различни светови, да нè вознемируваат, да нè предизвикуваат и да нè поттикнуваат на размислување, наведувајќи нè да поставиме прашања за животот, љубовта, искуството, социјалните предизвици и за многу други аспекти на човековото постоење“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска.

Таа додаде дека Фестивалот, кој годинава се одржува под мотото „Ве молиме, вознемирувајте!“, не е случајно затоа што литературата, како израз на човечката фантазија и креативност, честопати не само што ја вознемирува туку и ја трансформира нашата реалност.

„На овој Фестивал на европска литература ние ги слушаме гласовите на писателите, толку различни и многубројни како што се и европските нации и култури. Преку нивните дела, ние се нурнуваме во многубројни светови, се вознемируваме, размислуваме и размислуваме повторно. Секоја страница, секоја буква го поттикнува нашиот ум и го оформува нашето разбирање за светот“, рече министерката за култура.

Фестивалот на европска литература, според Костадиновска-Стојчевска, е можност „да се запознаеме, да се поврземе и да ги претставиме искуствата и идеите, да го прославиме богатството на културното разнообразие и да го почитуваме литературното наследство што нè обединува“.

Во рамките на настанот, евроамбасадорот Дејвид Гир ѝ ја додели наградата „Букстар 2023“ на шпанско-мароканската писателка Наџат ел Хачми за романот „Во понеделник ќе нè сакаат“ , а Фестивалот за отворен го прогласи авторката Лидија Димковска

На деветтото издание на Фестивалот на европска литература ќе гостуваат десет европски автори, четириесетина македонски учесници од различни генерации, претставници на реномирани издавачки куќи и фестивали од пет држави од регионот. Фестивалот „Букстар“ се реализира, меѓу другите, и со поддршка од Министерството за култура.

Слични содржини