Костов порача да се потпише Рамковен договор за економски реформи

од Берта Китинска

Поранешниот премиер Хари Костов на денешната конференција по повод 20 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор изнесе конкретен предлог до политичките партии – да потпишат рамковен договор, но овој пат за економски реформи кои би се спроведувале независно кој е на власт.

Во договорот, потенцира, би требало да бидат вклучени и претставници од науката и бизнисот, а би се опфатиле повеќе сфери меѓу кои задолженоста на државата и нејзино сведување во подносливи рамки, како и рационализација на државната администрација.

Костов ја нагласи и потребата од формирање фискален совет со учество на експерти.

– Ако е точна констатацијата дека Охридскиот договор е веќе исполнет, тогаш политичките партии во државава треба да склучат нов рамковен или само договор – за економските реформи, политики и мерки кои треба да се спроведуваат во наредните најмалку десетина години, во соработка со науката и бизнисот. Новиот рамковен би значел договор меѓу сите релевантни политички партии со учество на науката и бизнисот за мерки за кои ќе постои согласност дека ќе мора да применуваат незваисно кој ќе биде на власт, истакна Костов.

Костов посочи и дека во 2004 година, Буџетот на земјава изнесувал 1,6 милијарди евра, а оваа година е над 4,4 милијарди, но во меѓувреме, „ниту стопанството, ниту стандардот на населението не е пораснат за три пати“.

-Притоа, Буџетот се финансира во значаен дел со задолжувања, а најголемиот дел оди за плати на администрацијата и за социјални трансфери што остава многу мал дел за капитални инвестиции кои ниту една година досега не се реализирани во целосен износ. Последната деценија, пак, дојде до експлозија во задолженоста главно како последица на катастрофалниот проект „Скопје 2014“, а во последнава година – две и поради справувањето со последициата од ковид пандемијата. Веќе драматично е стеснет просторот во кој земајва ќе може да се задолжува за економски оправдани проекти во областа на енергетиката, патната и сообраќајната инфаструктура, образованието и здравството, напомена Костов.

Слични содржини