Ковачев: Главното прашање е дали има црна листа на европски граѓани на кои им е забранет влез во Македонија

од Nikola Popovski

Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев го оцени како „комично“ објаснувањето на нашето Министерство за надворешни работи дека на 6 мај не му било дозволено на територијата на државата бидејќи патувал со лица кои претставуваат ризик за јавниот мир и безбедност.

Во коментар за БТА, Ковачев вели дека главното прашање е дали има или нема црна листа на европски граѓани кои не се дозволени во Р. Северна Македонија. Според него, „реакциите од претставниците на Европската комисија и на Европскиот парламент, како и на бугарската влада ги алармирале властите во Скопје“.

„Комична реакција. Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија, очигледно притиснато од оваа јасна и многу дефинитивна реакција и од Бугарија и од европските институции – Европската комисија и Европскиот парламент, реши да излезе со соопштение дека тоа не е поради мене, туку поради некој друг за кој не беше јасно кој претставува закана за мирот и безбедноста на Република Северна Македонија. Затоа на сите колективно решиле да им одбијат влез“, рекол Ковачев.

За денеска е најавена прес-конференција на бугарското МНР. Бугарскиот министер за надворешни работи, Иван Кондов, вчера ја повика на средба амбасадорката на Македонија во Бугарија, Агнеса Руси Поповска, поради случајот да не се дозволи влез во нашата земја на петмина бугарски државјани.

Слични содржини