Ковачевски од Крушево: Нашето минато тече во нашите вени и никој не може да го одземе и да сака

од Nikola Popovski

Ако треба накусо да се одговори што е тоа што Никола Карев, Питу Гули, Гоце Делчев или кој било од нивните современици ги прави големи, тоа се тие самите, но пред се поради тоа што ставиле пред себе нешто поголемо – поставиле идеја. Крушевската Република е идеја за автономна Македонија. На илинденските идеи од 1903 и 1944 година во 1991 година се поставени темелите на суверена Република Македонија, вака премиерот Димитар Ковачевски го отвори своето обраќање на отворањето на манифестацијата научни културни средби „Десет дена Крушевска Република“.

На платото пред Македониумот, Ковачевски потенцира дека вечерва ќе зборува за идеите кои што значат перспективи.

-Постигнавме членство во НАТО и ги осигуравме границите на државата и зачекоривме кон нашата следна цел – полноправно членство во ЕУ со чист и признат македонски јазик и признат идентитет. Ако бараме потврда за правиот пат, еве ја тука на 2-ри август. Прогресивна илинденска идеја ја бележи и крушевскиот манифест. Илинденската идеја има континутитет низ вековите. Таа ги обединува граѓаните кои живеат заедно и трасира пат на државата кон светот. Затоа оттука има само напред. Нема сила што може да застане на патот на европскиот напредок на нашата држава. Ако некој случајно решил да ја преиспита прогресивната суштина на илинденската идеја и да кочи и блокира развој, тој има различни мотиви и цели од тоа што е интерес на граѓаните и државите. Минатото покажува дека само режимски системи кочеле прогресивни идеи, но ние пред себе ја имаме големата визија на големиот Гоце Делчев и таа останува нашата политика, категоричен е премиерот.

Ковачевски додаде дека се гради еднакво општество за сите граѓани.

-Немаме предрасуди кон било кого. Со овој пристап продолжуваме да се развиваме. Како Македонци со македонски јазик ни е отворен простор на европската маса. Нашето минато тече во нашите вени и никој не може да го одземе и да сака. Илинденците и Асномците со оружје јуришале кон иднината. Тоа е сегашноста која ја живееме ние денес – слободна и независна македонска држава. Сакам да порачам: водството е идеја, тоа не е човек. Да сработиме напорно сите и да ја осигураме европската иднина. Тоа е идејата зад која треба сега да застанеме. Тоа зависи од нас и мораме да го направиме. Оваа битка пред е нас е битка за сегашноста и иднината и ви ветувам заедно ќе ја добиеме. Илинден е и ќе биде нашата сила за европска иднина. Борбата мора да продолжи затоа што слободата се чува,а иднината се освојува, потенцира премиерот пред присутните во Крушево.

Слични содржини