Ковачевски: Со седење дома и криење под кревет не се прави држава

од Nikola Popovski

Вечерва сме масовно тука за да јавно и јасно, силно и одлучиме најавиме што повеќе, подобро и посилно ќе направиме во следната година. Нашиот масовен собир го одбележува и мојот едногодишен мандат како претседател на СДСМ, заедно со мандатот на новото централно и локални раководства на партијата. И сега ќе бидам истиот како што ветив и како што работам. Ќе зборувам искрено, директно без калкулации и флоскули, како човек и со разум и со многу емоции, рече претседателот на СДСМ и претседател на Владата, Димитар Ковачевски во своето обраќање од националната партиската трибина во Скопје.

Тој истакна дека во ниту една прилика, тука дома или во странство, не ја користел кризата како алиби или оправдување за работата.

-Сосема свесно влеговме во огнот на сите стари и нови фронтови, дома и надвор, со единствена цел како подобро да испорачаме решенија, мерки, одржливи политика за подобра сегашност и просперитетна иднина. Успешно се справуваме со енергетската криза. Граѓаните имаат непречено снабдување со топлинска и електрична енергија. Нашите граѓани во континуитет добиваат најниска цена на нафтевите деривати, рече меѓу другото премиерот.

Тој информира дека „многумина му рекле да се откаже и да дигне раце и дека ЕУ не не сака нас“.

-За првпат пред сите ќе го кажам тоа што го знаат моите најблиски соработници и моето семејство: Moже да успееме, да бидеме Македонци и како такви да седиме на големата маса во Брисел. Кој не мисли во такво нешто, нека се тргне на страна. Јас одлуката ја донесов бидејќи знам дека е најдобрата за државата и да треба пак да ја донесам, пак ќе ја донесам. Знаев и знам дека историја не се препишува, историја не се зема, јазик не се брише или укинува, традиција не се измислува или се преиначува. Тогаш велев и сега велам – зар со документи, изјави, пресови или настапи на маргинални политиканти мислиме дека некој може да загрози нешто што е создавано со векови? Нема да биде лесно на патот, ќе има болни реформи и уште тешки одлуки, но на крајот на секој тежок пат е големата награда, а во нашиот случај е полноправно членство на Северна Македонија во ЕУ, кажа Ковачевски и потенцира дека „со седење дома и криење под кревет не се прави држава“.

-Македонскиот јазик, историја и традиција се загарантирани и сигурни. Тие се темел во европската куќа како дел од традицијата и историјата на Европа. Бидете горди и спокојни на тоа што го направивме. Македонскиот јазик и име се конечно обезбедени и никој повеќе не смее да ги оспорува. Направивме голем успех за државата, порача лидерот на СДСМ.

Слични содржини