„Ковачевски треба да ја стабилизира власта, предвремени избори би ја зацементирале политичката криза во земјава“

од Vladimir Zorba

По завршувањето на внатрепартиските избори во двете водечки партии на Македонија се отвора можност за креирање на нови политики во општествениот живот. Полтичките аналитичари и поранешни пратеници во разговор за „Локално“ едногласно велат дека предвремените избори би ја зацементирале политичката криза во земјава.

-СДСМ стартува со нова образована личност која што во првото обраќање кон јавноста го потенцираше единството и професионализмот во партијата и државата со што господинот Ковачевски влева надеж дека ќе има ново преструктурирање во партиските редови и дека професионалното ќе надвладее над т.н. „партиски заслуги“, вели во разговор за „Локално“, поранешната пратеничка и политички аналитичар Ѓулистана Марковска.

Според неа, во говорот на Мицкоски по неговиот реизбор немало напаѓачки тонови упатени кон спротивниот табор односно кон Заев.

-Старо новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски најaви нова платформа на делување со нова програма. Она што беше ново во неговото обраќање беше умереноста на говорот и ненапаѓањето на спротивниот табор конкретно на актуелниот премиер господинот Зoран Заев, меѓутоа работите на терен не се пресликуваат во стварноста и во пониските ешалони имаме страшен говор на омраза и ширење на неединство кое ги дели македонските граѓани, смета поранешната пратеничка.

Ружин смета дека во македонскиот дел од општеството двете партии покажале дека поседуваат лидерски позиции и тоа насочува на заклучокот дека ние имаме работа со бипартизам.

-Во албанската етничка заедница се уште е доминантна ДУИ, но и таа постепено ќе се соочи со голема конкуренција. За жал и покрај напорите на Зоран Заев од СДСМ да направи мултиетничка партија овие напори не се прифатени во општеството. Се уште преовладува етничката свест. Во однос на смената на врвот, СДСМ покажа дека поседува повисок степен на внатрепартиска демократија, иако лидерот не смееше однапред да фаворизира јавно сопствен кандидат. Меѓутоа веројатно за тоа имал причини бидејќи во праксата на СДСМ не се баш најдобри мемоарите за судбината на претходните лидери или генерации. Очекувам во овие две и пол години новиот лидер Ковачевски да ја стабилизира власта и партијата и подготвен да излезе на следните редовни избори, смета професорот.

Марковска вели дека новиот лидер на СДСМ влева нова надеж и во партијата и во државата.

-Новиот претседател на СДСМ и иден мандатар господинот Димитар Ковачевски со ветувањето дека сите обединето ќе работат влева нова надеж и во партијата и во државата бидејќи се работи за кадар кој што е релативно нов во високата политика и кој ќе има можност кажаното да го реализира. Изминатите локални избори беа изненадување и за двете партии со тоа што СДСМ се уплаши од „страшниот пораз“, а ВМРО ДПМНЕ од неочекуваната висока победа. Реално излезноста беше 49% ниту едните ниту другите неможат да зборуваат за легитимни избори бидејќи не ги повторија резултатите од последните претседателски избори кои не само што беа легални туку беа и легитимни. СДСМ изгуби од своите гласачи кои апстинираа од овие избори, а ВМРО-ДПМНЕ не освои ниеден удел од неопределените гласови, туку се задржа на нивото на стабилните избирачки гласови кои не се доволни за таква силна победа и на парламентарните избори на кои што се надева дека ќе победи. Двете партии имаат доволно простор да поработат секој во своето избирачко тело со цел изборите да бидат вистински одраз на демократската волја на граѓаните, објаснува таа.

Секој нов лидер носи некоја новина, вели Ружин.

-На СДСМ му е неопходно обединување. Во сите држави на Европа пожелно е и сениорите да бидат присутни во партиската структура. Ова е невидено да по 50 годишна возраст луѓето заминуваат во политичка пензија и тоа во период кога се најзрели. Сметам дека оваа одлука е во ред. Инаку поразот на локалните избори може да се објасни со бројни фактори: од вообразеноста на СДСМ и потценувањето на противниците и малите коалициони партнери до недоволната ангажираност на членовите не СДСМ кои почнаа да спијат на ловориките. СДСМ недоволно расчисти со членството кое има и кривични пријави, неколку афери беа заташкани. Исто така и некои членови на СДСМ не се имуни од корупција. Тука мислам на локалните функционери и администрацијата, потенцира поранешниот дипломат.

Во врска со наводните „превирања“ кои во овој момент ги има партијата Алтернатива и лидерот Гаши, за Марковска „не се реални“.

-Не се работи за превирања туку дека влезот на Алтернатива во Владата со цел да се зголеми владејачкото мнозинство беше чиста политичка уцена со цел да се задоволат желбите на партиското членство да добијат функционерски фотелји . Впрочем каков е угледот на партија која наутро се потпишува на список за рушење на влада ,а вечерта бара средба за влез во истата влада. Доколку сакаат вистински да ја поддржат Македонија во насоката да ги донесе сите закони со европско знаменце за членство во Европската Унија тие можеа да ги гласаат и без да бараат толку функционерски места. Вака се сведува на обичен изнуден политички пазар, објаснува поранешната пратеничка додавајќи дека тешко е да се говори за предвремените парламентарни избори и покрај тоа што е најавено ново мнозинство.

-Лично сметам дека треба да му се даде простор на новиот мандатар и новата влада за да видиме дали ќе почнат граѓаните да ја враќаат довербата во сите институции. Ние сме во една континуирана политичка криза која почна уште пред локалните избори веќе одамна се соочуваме со зголемен ценовен шок,посебно на основните прехранбени продукти. Енергетската криза е присутна со немање на струја правдани со наводни постојани дефекти по цели реони и здравствениот менаџмент во справување со ковид пандемијата скоро и да го нема, така да уште едни нови избори (за кои што опозицијата вика дека треба да бидат „брзи“ иако има законски рокови) комплетно би ни ја зацементирала политичката криза. Живеачката на народот е се полоша и веројатно тоа би била „изборна борба“ само на членството на двете поголеми партии, тогаш не ја гледам целоисходноста на трошење на буџетски пари за нови избори, вели таа.

За Ружин превирањата во Алтернатива се „незрели изјави за политички лидери“, додавајќи дека е убеден дека ова ново мнозинство ќе го истурка мандатот, а предвремените избори би ја одложиле нашата агенда за ЕУ за уште една година

Соочен со перманентните критики, Мицкоски почна да зборува за доктрини

-Втората епоха и новата доктрина на ВМРО ДПМНЕ не беа формално објавени за да можам да коментирам што се подразбира под тоа лидерот Мицкоски. Делот на бришењето на досегашниот демохристијански карактер на партијата го поврзувам со промените коишто веројатно ќе следат во европските ЕПП партии кои и понатаму остануваат конзервативни и десно ориентирани, а господинот Мицкоски најави дека партијата би одела повеќе лево. Очигледно е дека во левиот простор на политичкото милје ќе има премногу „туркање“ на стари и нови партии а дека популизмот како сеприсутна појава ќе биде замена за демократијата и нејзините вредности. Тоа како правец за жал го имаме кај сите присутни партии во политичката свера на Македонија, смета Марковска.

Ружин вели дека најавената доктрина е Мицкоски е со цел да се затскрие од изборот со еден кандидат кој добил 99% од гласовите што асоцира на времето на Гадафи или Садам Хусеин.

-Соочен со перманентните критики за немање на идеи и „политички штоф“ Мицкоски почна да зборува за некои доктрини со цел да се заткрие зад срамниот избор со еден кандидат кој добил 99% од гласовите што асоцира на времето на Гадафи или Садам Хусеин. Од друга страна виде како ЦДУ бира свои кандидати и смешно е да се става во „прогресивните партии“ на Европа. Во таков контекст со едено нереформирано ВМРО-ДПМНЕ нема што да бара во Европа, да зборува за европски перспективи на Северна Македонија. Неговата партија не ја признава С.Македонија и тоа е прв услов за европската агенда, подвлекува професорот.

Заминува Заев, бугарската влада има адут да го одлага конечното решение

Марковска смета дека блокадата на Софија на европскиот пат на Македонија е стратешко прашање за нашиот источен сосед кој што поверува дека ако Македонија го промени уставното име со цел да добие полноправно членство во НАТО се што не успеала Бугарија векови по ред и дури со војни да ги добие како отстапка од Македонија ќе го добие сега како „услов“ за добрососедски односи и членство во ЕУ.

-Не сум слушнала дека покрај Копенхашките критериуми добрососедството вклучува ревидирање на историја од единаесеттиот век а ние сме сега во дваесет и првиот. Да скратам, очигледно е дека историската комисија ниту може ниту ќе најде решение за т.н. „заедничка или споделена“ историја и дека секој од народите треба да ја изучува историјата пишувана од сопствените победници. Дури и да има некои заеднички моменти, во услови на уцена мислам дека треба да прекине со работа оваа комисија а проблемите на добрососедството да ги бараме кон заеднички транспортни коридори, зголемена трговска размена… Доколку се постигне решение со кое Македонија и Албанија би имале заедничка седница со членките на ЕУ, а македонско бугарскиот спор се остави во некоја лимбо ситуација, тоа ќе биде за нас многу лоша политичка ситуација. Се разбира одлуката за ова треба да биде заедничка и на власта ина опозицијата бидејќи тоа е многу сериозна одлука за да некој ја превземе одговорноста сам без да бидат дефинирани заеднички црвени линии, објаснува таа.

За Ружин нема средина во решавањето на спорот.

-Овде сме во подредена позиција. Замина Заев, и разбирливо е дека бугарската влада има адут да го одлага конечното решение. Тоа е така во стратегијата на дипломатското преговарање. Ќе изминат шест месеци иако е долг период па ќе дојдеме до решението. Значи проблемот е времето а не желбата, смета Ружин додавајќи дека потребно е Заев да остане подолго време на премиерската функција.

-И самиот не ја разбирам оваа негова одлука. Но, тој упорно одбива и штом е така подоцна ќе ги констатираме консеквенците на оваа избрзана одлука, подвлекува тој.

Поранешната пратеничка смета дека одлуката на Заев за оставката е лична и таа не треба да се коментира бидејќи е чин на морална вредност која премиерот ја донесе после неуспехот на локалните избори.

– Верувам дека роковите што си ги постави тој самиот ќе си ги испочитува а дополнителни гаранции за новиот бугарски премиер не може да бидат олицетворени само преку една личност туку преку добро организирана обмислена и заедничка надворешна политика со дефинирање на црвени линии донесени од страна и на власта и на опозицијата, а коишто добро би било да бидат координирани од страна на претседателот Стево Пендаровски, смета Марковска.

Б.М.

Слични содржини