Ковид пресек во регионот: Бројките паѓаат, но нема опуштање!

од Берта Китинска

Денеска кај нас започна имунизацијата против ковид 19.

„Вакцинацијата е единствениот начин за да се заштитиме од овој тип на инфекција. Со вакцинацијата против КОВИД-19 ќе се намали бројот на новозаразени и ќе почнеме да се враќаме во нормален живот.“- рекоа денеска д-р Добринка Наунова Јовановска и медицинската сестра Габриела Темелковска од инфективната клиника кои први се вакцинираа со вакцината на Фајзер.

Денеска се вакцинирани  201 медицински работник.

Во следниот период ќе бидат вакцинирани сите медицински лица во јавно здравствените и приватните установи кои работат со Ковид пациенти, соопшти министерот за здравство Венко Филипче.

Во последните 24 часа се регистрирани 347 нови случаи, а починаа седум лица.

Србија

Во последните 24 часа, во Србија биле евидентирани 2.467 нови случаи на коронавирус, од 13.063 тестирани примероци, а починале 16 пациенти. Има 3.451 пациент во болниците низ целата земја, од кои 142 се на апарати за дишење.

Босна и Херцеговина

Во Босна и Херцеговина, со областа Брчко, тестирани се 2.613 лица во последните 24 часа, а пријавени се 14 смртни случаи и 368 новоинфицирани лица со коронавирус.

Само во Федерацијата БиХ биле тестирани 1.998 примероци, од кои 250 биле ново заразени, додека седум лица починале како резултат на вирусот. Од вкупниот биланс на денешницата, пријавени се седум смртни случаи и 112 новозаболени лица во Република Српска, а биле тестирани 575 примероци. Шест ново заразени лица од 40 тестирани се регистрирани во областа Брчко. Бројот на активни случаи во БиХ е 3.923.

Црна Гора

Во последните 24 часа во Црна Гора пријавени се шест смртни случаи и 404 новоинфицирани лица со вирусот.

Словенија

Словенија од вчера тестирала 5.115 лица, скоро 1.100 се позитивни, а 12 лица починале како резултат на инфекција со корона. Хоспитализирани се 648 пациенти со ковид 19, а 126 пациенти се на интензивна нега.

Хрватска

Во изминатите 24 часа, Хрватска регистрираше 502 нови случаи, а 18 пациенти починаа. Бројот на активни случаи е 2.219. Меѓу нив, 884 пациенти се во болница, од кои 82 се на апарати за дишење.

Албанија

Има 1075 нови случаи во Албанија, а 18 лица починаа во последните 24 часа како резултат на инфекција со коронавирус. Вечерва ќе започне вакцинацијата на корисниците на домови за стари лица, потоа ќе бидат вакцинирани сите постари од 89 години, а како што пристигнуваат нови количини вакцини, најавуваат надлежните, сите жители ќе бидат имунизирани.

 

 

 

Слични содржини