Кузеска: Добро е да им ја даваме можноста на ДПМНЕ да бидат дел од техничката Влада на секои 4 години

од Nikola Popovski

Во изминатиов период се изнаслушавме различни хаотични ставови, неконзистентни ставови од страна на ДПМНЕ и Мицкоски, изјави денеска портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска околу прифаќањето на ВМРО-ДПМНЕ да бидат дел од техничката влада.

Кузеска истакна дека најголемата опозициска партија „еднаш кажуваше дека нема да учествуваат, го спореа и Талат Џафери како премиер на техничката Влада, кажуваа дека немало потреба од техничка Влада за сега да слушнеме дека ќе бидат дел од техничката Влада“.

-Морам да кажам дека добро е тоа, добро е што прифатија да ја испочитуваат законската обврска но и улогата и обврската што ја имаат како опозиција. Овие 100 дена на ДПМНЕ во техничката Влада ќе бидат единствената можност да бидат на власт и добро е да им ја даваме оваа можност на секои 4 години, рече Кузеска на прес-конференција во СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната седница на Извршниот комитет донесе одлука да учествува во техничката влада, но да се воздржи од гласање за неа.

Се очекува Централниот комитет на партијата да го овласти претседателот на партијата, Христијан Мицкоски да ги одбере лицата кои ќе бидат дел од техничката влада, а нивните имиња ќе бидат соопштени после Водици.

Партијата, меѓу другото, вечерва ги избрала и 472 делегати за конвенцијата за избор на кандидатите за претседател на државата.

Слични содржини