Лајчак: Треба да се искористи политичкиот замав во проширувањето на ЕУ, нема да трае вечно

од Stefanija Kuzmanovska

Специјалниот претставник на Европската унија за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак оцени дека треба да се искористи политичкиот замав во проширувањето на ЕУ.

Сумирајќи ја претходната недела, Лајчак синоќа на Фејсбук објави дека минатата недела бил во Давос на Светскиот економски форум каде, на традиционалниот дијалог за дипломатијата на Западен Балкан, бил ко-модератор кога биле разгледувани очекувањата и приоритетите во регионот и ЕУ ​​во однос на проширувањето.

„Како ко-модератор, ја споделив забелешката дека постои значителен ентузијазам од источните партнери, но и скептицизам од Западен Балкан. Сегашниот замав во проширувањето е реален, но, како што добро знаеме во политиката, не трае вечно. Затоа, сега клучното прашање е дали тој замав ќе можеме да го претвориме во нов квалитет на проширување или ќе биде засекогаш изгубен“, напиша Лајчак.

Тој додаде дека, како и секогаш, Давос се покажал како непроценлива платформа за поврзување со пријателите, колегите, партнерите од регионот и пошироко.

„Нашите разговори го опфатија целиот спектар на важни настани кои се очекуваат оваа година, во Западен Балкан, како и на светската сцена“, наведе Лајчак.

Подвлече дека сега е време страните целосно да се фокусираат на следните чекори во дијалогот.

Слични содржини