Лавров: IAEA ќе користи руски лаборатории за контрола на водата од Фукушима

од Stefanija Kuzmanovska

Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA) се согласи да користи руски лаборатории почнувајќи од следната година за следење на квалитетот на отпадните води кои се испуштаат во океанот од уништената нуклеарна централа Фукушима, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

„На IAEA ѝ дадовме список на наши лаборатории кои можат и знаат како да ги анализираат релевантните супстанции, вклучително и водата, и конкретно побаравме овие лаборатории да бидат вклучени во списокот на оние кои ќе го следат квалитетот на отпадните води од Фукушима“, навел Лавров за време на неговото обраќање пред Советот на Федерацијата, пренесува ТАСС.

Тој објаснил дека Русија добила гаранции дека од следната година ќе биде вклучена во процесот на контрола на отпадните води од нуклеарната централа Фукушима и рече дека Русија ќе се обиде да направи се за да го направи процесот транспарентен за домашната јавност.

„Секретаријатот на IAEA сега има обврска да посвети посебно внимание на ова прашање. Тие повремено даваат извештаи кои сами по себе не се алармантни, но сепак не го покриваат целосно ова прашање бидејќи недостигаат многу одговори“, рече Лавров.

Тој прецизираше дека тоа првенствено се однесува на прашањето колку испуштањето на отпадните води негативно ќе се одрази на животната средина и биоресурсите кои, меѓу другото, ги користат и руските граѓани.

Слични содржини