ЛДП ќе предложи кој ќе биде замена за Милевски, вели премиерот

од Берта Китинска

Министерството за локална самоуправа е во одговорност на ЛДП и партијата ќе предложи личност која ќе го замени министерот кој е во оставка. Тогаш тој предлог ќе биде доставен пред Владата, кажа денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Името на поранешниот градоначалник на Град Скопје, Ристо Пенов изминатите денови се споменуваше како можна замена на досегашниот лидер на ЛДП и министер во кабинетот на Ковачевски, Горан Милевски кој пред неколку дена си поднесе оставка. Официјално Пенов се уште ја нема потврдено информација за тоа дали се враќа на политичката сцена.

Милевски воедно информираше дека се повлекува и од лидерската позција во ЛДП, а како што дознава „Локално“, на чело на Либерално-демократската партија ќе застане потпретседателката Моника Зајкова.

Пратеничката за информациите вели дека се уште партијата нема разговарано за изборот на нов лидер, но како што вели таа, „со задоволство би ја прифатила позицијата“.

-Се уште немаме разговарано внатре во партијата во текот на наредните денови треба да имаме Извршен одбор за да ги дискутираме работите за да бидат официјални. Ако добијам поддршка од Извршниот комитет, како и од Милевски, и мене ми се даде довербата, со задоволство ќе ја прифатам, но официјално нема ништо, вели Зајкова.

Милевски претходно најави повлекување од двете функции, појаснуваќи дека е време за промени.

-После 3 годишното извршување на функцијата министер за локална самоуправа сметам дека е време за промени и на ова место да дојде друг кадар од ЛДП, изјави претходно за „Локално“, Милевски .
„Раздор во партијата не постои“, кажа лидерот на ЛДП, посочувајќи дека до крајот на годината треба да се одржи редовен конгрес на кој ќе се донесат клучни одлуки во партијата.

-Сите сме во редовна и нормална комуникација. До крајот на годината треба да одржеме редовен конгрес и до тогаш ќе одлучиме сите заедно што е најдобро за партијата. Има доволно време до тогаш да ја донесеме најдобрата одлука, посочува тој.

Милевски во 2015 година ја наследи лидерската позиција од Андреј Жерновски кој премина во СДСМ откако му заврши мандатот како градоначалник на Центар.Партијата на Милевски ја даде поддршката на владејачката коалиција во време кога опозициските ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Алијанса за Албанците, заедно со дотогаш владејачката Беса, се обиде да ја урне власта преку изгласување на недоверба.

Слични содржини