Левица: Аеродромци ќе платат 88.000 евра казна заради неспособноста на Муцунски

од Nikola Popovski

Пред околу два месеци општина Аеродром и градоначалникот Тимчо Муцунски склучија договор со фирмата Пирамид Билдинг за одржување на јавни зелени површини и одржување на хигиена на јавни површини во вредност од 350 000 илјади евра. Ние и тогаш реагиравме на сомнителниот договор бидејки општината имаше ангажирано доволен број на сезонски работници и со својата механизација можеше да се справи со одржувањето на јавните површини, велат од партијата Левица откако денеска Градот Скопје ѝ изрече казна на општината и градоначалникот за исфрлање отпад на јавна површина парк.

Од партијата додаваат дека фирмата Пирамид Билдинг несовесно ја вршела работата и го одложувала ѓубрето на локација блиску до ФФМ правејки нова депонија.

-Оваа нивна постапка ќе ги чини граѓаните нови 88 000 евра кои треба да ги платат од сопствен џеб. Јавно го прашуваме градоначалникот Тимчо Муцунски: Дали некој ќе поднесе одговорност за ова неажурно и бахато однесување. Кога ќе почне востински да работи во интерес на граѓаните, а не само да се слика на одредени места правејки гол ПР, порачаа од Левица.

Од Градот Скопје информираа дека рокот за подмирување на казната е 8 дена од денот на изрекувањето, во спротивно истата присилно ќе се наплати и дека дополнително, против сите прекршители ќе бидат поднесени и соодветни кривични пријави.

Од Општина Аеродром посочија дека по евентуалното добивањето на документацијата поврзана со санкцијата, фактот дека таа е целосно неточна, како што велат, ќе го докажат во соодветна законска постапка пред надлежните институции.

-Воедно, не ја исклучуваме можност за поведување кривична постапка до инспекторите кои изрекле ваква незаконска санкција, како и до сите одговорни лица во градот Скопје, вклучувајќи ја градоначалничката Арсовска, соопштија од Општина Аеродром.

Слични содржини