Левица исклучи тројца членови, тврдат дека нема раскол во партијата

од Nikola Popovski

Партијата Левица тврди дека во нивните редови нема раскол, иако информираа дека ги суспендирале и исклучиле од членство претседателот на Советот на Општина Карпош – Бранко Ристов, неговата партнерка Живанка Морис – поранешна координаторка на Левица-Дијаспора и советникот во Општина Аеродром – Дарко Масларковски (а.к.а. Пука Козметика).

Според партијата, дисциплинската одлука е донесена заради превенирање на обидите за роварење на надворешни структури поддржани и координирани од ДПМНЕ да го саботираат процесот на собирање потписи и да нанесат предизборна штета на партијата, преку таргетирање и контаминирање на идентификувани слаби карики помеѓу членовите.

-Напоменуваме дека секој воочен внатрешен обид на непринципиелно и клиентелистичко делување, манипулирање, ширење дефетизам и шурување со одредени центри на моќ – било од обични членови или, пак, од раководни функционери на Левица ќе биде јакобински сосечен во корен! Неспособните кадри, кои се покажаа недостојни на задачата, ќе бидат заменети со нови, вредни, искрени и лојални работници. Тројца расипани си одат, триста чесни доаѓаат, велат од Левица.

Од партијата бараат оставка на Ристов и Масларковски од функциите, за кои велат, ги узурпираат во општинските совети и враќање на нивните советнички мандати во рамките на легитимитетот кој ѝ е доверен на нивната советничка листа.

Ристо уште вчера објави дека си поднесува оставка од сите внатрепартиски функции. Неговата оставка е втора за два дена, откако претходно и неговиот сопартиец Масларковски, се реши на истиот чекор. Тој соопшти дека повеќе не е член на политичката партија, велејќи дека одлуката е базирана на повеќе причини и дејства на кои, како што напиша, не може да остане рамнодушен.

Слични содржини