Левица со амандмански филибастеринг против законите за Коридорите 8 и 10Д

од Nikola Popovski

Двајцата пратеници на Левица, Димитар Апасиев и Борис Крмов денеска поднеле 1111 амандмани во врска со предложените законски измени кои се однесуваат на изградбата на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д кои ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.

Крмов на прес-конференција рече дека Владата сака да протне 60 часа работна недела откако Уставен Суд ја укина одредбата.

Претходно истото го соопштија и од ВМРО-ДПМНЕ.

-Ќе пристапиме кон изготвување на суштински амандмани со цел подобрување на законите кои се однесуваат на градењето на Коридорите 8 и 10 и избегнување на штетите кои би ги трпела државата, истакна на денешната прес-конференција пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Ели Панова.

Потенцира дека веќе имаат поднесено амандмани за Законот за работни односи, што е ставен на дневен ред на денешната закажана седница на собраниската Комисија за труд и социјална работа.

Инаку вакви обиди со многу амандмани да се блокира работата на Собранието имаше и порано. Самиот Талат Џафери во 2012 година кога се носеше Законот за бранители 40 дена се јавуваше за збор чиаше поезија или молчеше и така ја блокираше работата на Комисијата за труд и социјална политика. Истата година пратеничката група на СДСМ, тогаш во опозиција, поднесе 1.000 амандмани на предлог буџетот за 2013 година. Оваа блокада заврши со „црниот понеделник“. Кога беше во опозиција ВМРО-ДПМНЕ поднесе над 19.000 амандмани на Законот за употреба на јазиците.

Филибастеринг имаше и кога се бираше Џафери за претседател на Собранието. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со реплики и со контрареплики кои си ги даваа едни на други и со процедуралани забелешки, речиси еден месец во 2018 година блокираа конститутивната седница за избор на Талат Џафери за претседател на Собранието. Филибастерингот на ВМРО-ДПМНЕ заврши со упад и со насилства во Собранието, во кои беа повредени актуелниот премиер Зоран Заев, пратеници и новинари.

Слични содржини