Лога за случајот „Меѓународен сојуз“: На Јовановски во кеш му дадовме 350 илјади евра

од Берта Китинска

Денеска во кривичниот суд во Скопје со сведочењето на менаџерот на компанијата Дрим билдинг, Ресул Лога продолжи судењето за случајот „Меѓународен сојуз“.

Лога пред судот изјави дека на Бојан Јовановски во кеш му исплатиле 350 илјади евра како услов да бидат дел од проектот за изградба на старечки дом.

–Од разговорите ни беше кажано дека треба ние да платиме за да го добиеме тој проект. Требаше 350 илјади евра во кеш и 16 милиони и 100 илјади денари на фактура на проект по авторски права на Јасна Мандиќ.Парите во готово ги дадовме на господинот Бојан, во присуство на мојот партнер Адријан Амзовски и уште еден, мислам Александар се викаше, рече Лога.

Судењето за овој предмет е во почетна фаза на изведување на вербални докази. На последното рочиште беа сослушени сведоците,Јованка Кухар, Лилјана Тодоровска, Агапи Дика и Јордан Камчев. Судењето за овој предмет го води судијката Софче Ефремова, а застапник на обвинението е јавната обвинителка Ивана Трајчевска.

Обвинети во овој случај се Бојан Јовановски, поранешната пратеничка од редовите на СДСМ, Фросина Ременски, Миле Јовановски, (таткото на прво обвинетиот) и Јасна Мандиќ Ерцеговиќ. Јовановски е обвинет за „измама и перење пари”. Ременски е обвинета за „помагање во делото измама”, Мандиќ за „помагање во измамата и перењето пари”, Миле Јовановски се терети за „помагање во перењето пари” и за „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје”. Како правно лице обвинета е и невладината организација „Меѓународен сојуз”.

Слични содржини