Македонец во Загреб: Гужви во аптеките и прехрамбените ланци, вработените работат со маски и ракавици

од Ивана Рамаданова

Во Хрватска е потврден првиот случај на корона вирус кај млад чове кој бил во Милано. Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ по седницата на кризниот штаб за коронавирусот, изјави дека лицето се наоѓа на Клиниката за инфективни болести во Загреб, додавајќи дека пациентот е во добра состојба.

Македонецот Пеце Ацев кој веќе долги години живее и работи во Загреб, во изјавата за Локално.мк вели дека после објавата дека и во Хрватска е регистриран првиот случај на коронавирус, сеуште се се одвива нормално.

„Освен лицето кое е заразено и веќе е во изолација, на преглед се задржани и ставени во карантин и сите личности кои имале контакт со него. Малку поголеми гужви од вообичаените има во аптеките и прехрамбените ланци каде што вработените од денеска работат со заштитни маски и ракавици на рацете“, изјави Ацев.

Тој вели дека веќе неколку дена се очекувало да се појави првиот заразен во Хрватска, пред се поради близината со погодените подрачја во Италија, па луѓето подготвени и свесни за опасноста, не ширејќи паника, се заштитуваат како знаат следејќи ги и препораките на Министерството за здравство.

„Од вчерашниот ден и сите патници кои од Италија влегуваат во Хрватска добиваат наредба за карантин во траење од 14 дена. Така на пример 200 луѓе од Пожега се во карантин од вчера. Во целата ситуација луѓето тука најмногу се жалат на фактот дека не можат да купат заштитни маски. Сепак сега за сега ситуацијата е под контрола и се се одвива нормално додека сите чекаат резултати на нови девет сомнителни случаи“, вели Ацев.

Во меѓувреме, има информации и за деветмина Хрвати хоспитализирани по нивното пристигнување од Италија. Нивните резултатите од тестирањето сè уште се чекаат.

И.Р.

 

 

Слични содржини