Македонија и Грција ја продлабочуваат соработката

од desk4

Македонија и Грција ја продлабочуваат соработката. За првапат македонска собраниска делегација учествуваше во работата на Интерпарламентарното собрание на павославието што се одржа на Крит. Темата за која се дебатираше на оваа редовна годишна конференција, беше „Иднината на Европа по Ковид пандемијата“. Македонски претставник беше пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Ане Лашковска.

Свои видувања за европската иднина по ковид пандемијата имаа претседателот на Генералното собрание на ИПСП, Сергеј Гаврилов, генералниот секретар на ИПСП, Максимос Каракопулос, претставници од парламентарните делегации на повеќе земји на ИПСП, како и многу гости кои беа поканети на оваа Конференција, меѓу кои и Дора Бакојани, која, исто така, имаше свое обраќање.

Во текот на работниот дел на Конференцијата, од страна на генералниот секретар Каракопулос беа презентирани и усвоени тековните и идни активности за наредната 2021 – 2022 година, беше усвоен финансискиот извештај за 2020 – 2021 година и започна постапката за комплетирање на органите на ИПСП, која ќе биде завршена во текот на наредните месеци.

На крајот од Конференцијата беа усвоени заклучоците од ова редовно 28. Годишно собрание на ИПСП и им беше упатено и доделено признание и благодарница на сите оние членови на ИПСП на кои им заврши мандатот.
Редовното 28. Годишно собрание на ИПСП (Интерпарламентарно собрание на православието) се одржа во периодот 22 -26.7.2021 година.

Б.Т.

Слични содржини