Македонски државјанин фатен при кражба во Сплит, ја нападнал полицијата со чекан

од Nikola Popovski

Граѓанин на Северна Македонија (47) нападнал полицајци со чекан при грабеж на деловен простор во Сплит, откако полицијата дошла по пријава на граѓанин, информираат хрватските медиуми.

Како што пишува „Слободна Далмација“, настанот се случил во саботата еден часот после полноќ. Според наведеното, полицаецот кој прв се доближил на местото на настанот забележал дека вратата од просторот е отворена и претпазливо се приближил сомневајќи се дека крадецот се уште е внатре.

Во тој момент вратата ненадејно се отворала и непознат маж, држејќи чекан, се нафрлил кон полицаецот, удирајќи го во градите.

Полицаецот паднал на подот и мажот почнал да бега, но службеникот набргу станал и истрчал по него заедно со уште двајца колеги. Тие му наредиле да застане, но крадецот ги игнорирал и продолжил да бега.

Полициските службеници, решени да го фатат сторителот на делото, продолжиле да трчаат по него и успеале да го стигнат неколку улици подалеку.

На лице место е извршена истрага, забележани се оштетувања на отворениот сеф од кој се украдени 205 евра кои се пронајдени и кај македонскиот државјанин, а на друг неотворен сеф е констатирана само штета.

Крадецот се наоѓа моментално во притвор.

Слични содржини