Макрон пристигна во Бејрут, граѓаните бараат помош во уривање на режимот (ВИДЕО)

од Vladimir Zorba

Претседателот на Франција, Емануел Макрон денеска пристигна во Бејрут за да ја изрази својата поддршка по катастрофалната експлозија во пристаништето, што предизвика голема материјална штета.

Претходно денес, претседателството на Макрон изјави дека либанскиот претседател Мишел Аун ќе го пречека, и дека целта на посетата е да му се покаже на Либан дека „не е сам“.

Подоцна во текот на денот, Макрон ќе има средби со високи претставници во претседателската палата, како и со претставници на граѓанското општество.

Франција, како и некои други земји, испрати екипи на брза помош и спасувачи.

На Либан, кој веќе е во економска криза, ќе му треба поширока помош од меѓународната заедница.

Макрон понуди француска поддршка на луѓето од Либан за време на грозоморната експлозија во тој град, но предупреди дека земјата погодена од криза ќе „продолжи да тоне“ доколку нејзините водачи не спроведат реформи.

Тој е првиот странски лидер што ја посети либанската престолнина по експлозијата во вторникот, во која загинаа најмалку 135 лица, беа повредени 5.000 и остави 300.000 бездомници.

Откако слета во Бејрут, Макрон рече дека солидарноста на Франција со луѓето од Либан е безусловна, но тој рече дека сакал да им укаже на некои непријатни вистини на политичарите во таа земја.

„Освен експлозијата, знаеме дека кризата тука е сериозна, што ја вклучува историската одговорност на сегашните лидери“, рече Макрон пред новинарите.

Тој предупреди дека ако не се спроведат реформите, „Либан ќе продолжи да тоне“.

Во тој контекст, тој ги спомена реформите во енергетскиот сектор, јавните тендери и борбата против корупцијата.

Францускиот претседател и порача на „разгневената толпа“ во центарот на Бејрут дека француската помош нема да оди во „корумпирани раце“ и дека ќе бара нов договор со политичките функционери.

„Ова ви го гарантирам – помошта нема да оди во корумпирани раце“, им рече тој на демонстрантите два дена по експлозијата, пренесува Ројтерс.

Макрон додаде дека дошол во Либан за да понуди нов политички договор на тамошните власти.

Како што се наведува, собраната маса го поздрави и го замоли да помогне во соборувањето на сегашниот режим.

Слични содржини