Малчески: Нелогичните и по малку смешни услови, само потврдуваат дека источните соседи се наследници на „администраторите“

од Берта Китинска

Првиот чекор кон посакуваното ново поглавје во односите меѓу Бугарија и С.Македонија го направи Скопје, со испраќањето нота до Обединетите нации за кратката употреба на името Северна Македонија. И двете страни ја прикажаа средбата на двајцата премиери како позитивна за својата земја. Според политичкиот аналитичар Самоил Малчески посетата на Петков е само еден обичен фолклор, колку да се каже дека бугарскиот премиер била на прошетка низ Скопје.

– Суштински се уште ништо не е сменето, ветото од Бугарија за билатерално прашање кое не е дел од Копенхашките критериуми е се уште на сила, вели аналитичарот.

Како што претставниците на нашата влада ни кажуваат дека не се мешаат во внатрешни работи на туѓа држава, според Малчески така треба и претставниците на Владата на нашиот источен сосед да им кажат дека не треба да се мешаат во нашите внатрешни работи во врска со барањето Бугарите да се внесат како државотворен народ.

-Колку тоа прашање е банално говори фактот дека на 15 ноември 2021 на изборите кои се одржаа кај нашиот источен сосед во Скопје гласаа само 650 бугарски државјани. Притоа ние не слушнавме официјално од Софија дека некој на територија на Македонија вршел притисоци да не се гласа. Оттука, наместо што поставуваат нелогични и по малку смешни услови, треба да посветат внимание на европските вредности и нивното почитување. На овој начин само потврдуваат дека се наследници на „администраторите“ кои биле присутни тука пред и за време на Втората светска војна, објаснува за „Локално“ политичкиот аналитичар.

Во врска со тоа дали „ситното“ отстапување на Македонија може да доведе до губење на преговарачките позции, според Малчевски во име на Република Македонија преговараат луѓе кои ниту разбираат за што преговараат, ниту пак имаат знаења, вештини и компетенции за истото.

-Единствен мотив им е останувањето на власт и трошењето на буџетски пари. Па, оттука водени од тие мотиви се спремни да направат се само да не се вратат онаму од каде што дојдоа, на улица. Навидум малите отстапки кога ќе ги направите неколку пати по ред водат кон големо отстапување кое е на штета на Македонските национални интереси, смета Малчески.

На прашањето дали во овие 6 месеци може да се најде компромис каде и двете страни би излегле како победници, аналитичарот вели дека Бугарија ја има моќта која им дава право на вето и тие тоа го користат до максимум злоупотребувајќи го.

-Што се однесува до СДСМ јас со сигурност ви тврдам дека во ниедна нивна изборна програма не ветија дека вака ќе си поигруваат со Македонските национални интереси и дека ќе учествуваат во процес на фалсификување на историјата. Оттука, ако се сигурни во исправноста на нивните потези јас би ги повикал да распишат предвремени парламентарни избори за да може народот да даде легитимитет на тие нивни политики. Се друго сурова желба за власт во функција на лично богатење и личен комодитет наспроти државните и националните интереси, вели аналитичарот.

Малчески се воздржува од коментари за поранешниот вицепремиер за европски прашања Димитров го кој го нарече „новиот пристап“ на Владата кон Бугарија „салама политика“ упатувајќи порака до премиерот дека усвоената декларација во Собранието не смее да се игнорира.

– Јас добро се сеќавам што тој говореше и како наводно се бореше за почитување на Уставот и законите во Република Македонија, но исто така добро се сеќавам дека истиот тој Димитров спротивно на Уставот на Република Македонија потпиша еден штетен договор по Македонските национални интереси. И тогаш и сега тврдам дека со тие два штетни договори се отвори една пандорина кутија која уште долго време ќе ни задава главоболки. Јас тука пред се сакам да го посетам Ковачевски дека во Собранието на Република Македонија има усвоено декларација и сакам да го предупредам да не се обидува да ја игнорира истата, вели тој.

Б.М.

Слични содржини