Малески: Нашите срца се со Македонците во Бугарија, но залудно би барале реципроцитет

од Nikola Popovski

Поранешниот министер за надворешни работи и професор Денко Малески смета дека бугарскиот премиер Кирил Петков може да има полиберални погледи и нему може да му се чини апсурден овој спор, но тој е премиер и е во коалиција со други партии со поинакво мислење.

-Тој мора да произведе нешто што е прифатливо и за дома, како што кажа и самиот „моја влада може да падне ако јас се спротивставам на коалициските партнери“. Комплексна е политичката сцена на секоја демократија и доаѓањето до заеднички став е многу тешко. Пример е нашата политичката сцена, каде за елементарни работи не можат да се договорат, рече Малески во емисијата „24 анализа“.

Малески потенцира дека преку спорот со Грција ова сето се претвори во меѓупартиска борба кај нас и меѓу грчките партии.

-Се губеа и добиваа избори со тоа. Повторно сме во тој вртлог. Опозицијата контрира за се и вели дека се е погрешна политика. Секоја иницијатива од Бугарија може да биде блокирана и овде и се бара согласност од сите политички партии. Што се однесува до реципроцитетот и влезот на македонското малцинство во бугарскиот Устав, факт е дека ние во нашиот Устав ја дефиниравме демократијата меѓу заедници со големи значајни елементри на консензуална демократија. Тоа уредување го избравме затоа што поинаку не може да се одржи Македонија. Факт е дека од другата страна имаме политички систем кој што наликува на грчкиот. Ние со грчкиот најдовме излез, ќе треба и тука таков излез. Навистина нашите срце се со луѓето во Бугарија, кои се чувствуваат како Македонци, но факт е дека ние не можеме преку преговори да го промениме бугарскиот политички систем, и залудно би барале таков реципроцитет, додава Малески.

Слични содржини