МАН: Со случајот на Трпеноски се кршат копјата околу правната формулација на електронските медиуми

Македонската асоцијација на новинари (МАН) жали што врз грбот на новинарот Горан Трпеноски со последната судска пресуда се кршат копјата околу правната формулација/регистрација на електронските медиуми (портали).

Судот во пресудата наведува факт – дека според законот, портал не е медиум, а вработените не се новинари, бидејќи здружението каде тој бил вработен не претставува издавач на медиум.

МАН во изминатите години повеќепати бараше и јавно се залагаше за регистрација на електронските портали како правни лица – медиуми во Законот за медиуми и во Законот за АВМУ, и како такви да бидат евидентирани во единствен регистар на медиуми под капата на Агенцијата за АВМУ.

За жал, МАН наиде на остро спротиставување од ЗНМ и дел од невладиниот сектор по ова прашање, дури и кога повикавме да се прочисти нивниот регистар на медиуми, каде членуваат и портали чии издавачи се невладини организации, што не е случај со регистарот на ИАБ Македонија.

-Сега за жал, на дело ги гледаме последиците од правната несигурност во која функционираат и работат многу професионални новинари во новите дигитални, електронски медиуми, односно портали, велат од МАН.

МАН ја повикува владата, политичките чинители и ЗНМ активно да се поддржат измените кои ги предлагаме во Законите за медиуми и аудиовизуелни услуги, со кои ќе се утврди правна регистрација на порталите како медиуми, со што ќе се овозможи правна сигурност и професионално извршување на професијата новинар во медиум, а единствениот регистар на медиуми да го води Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги, во чие изготвување и прочистување активно ќе учествуваат МАН, ЗНМ и ИАБ Македонија.

Слични содржини