Манасков: Ситуацијата со економската криза веќе е избегана од контрола

од Берта Китинска

Во очекување ЕВН Хоум да го распише четвртиот тендер за набавка на електрична енергија за следната година но и да се видат понудите на тендерите за набавка на електрична енергија за покривање на загубите кои ги распишаа ЕСМ и МЕПСО, се поизвесно е дека сметките за сите потрошувачи од следната година ќе бидат значително повисоки.

Дел од познавачите на состојбите загрижено предупредуваат дека доколку на тендерот што треба да биде распишан на 14 овој месец, ЕСМ понуди пониска цена за електрична енергија од цената на берзата HUPEX , може да се случи и тој јавен повик да биде неуспешен.Оттаму, според првиот човек на Комората за енергетика Ѓорѓи Манасков, ветувањата на министерот за економика Крешник Бектеши дека струјата ќе поскапи најмногу до 10% , се целосно неосновани.

“Одговорно тврдам дека ситуацијата со економската криза веќе е избегана од контрола. Власта се обидува да пронајде маневарски простор, да се избори за пониски цени, но тоа е невозможно бидејќи тие цени се нереални. Единствен излез е Министерството за економија да предложи начин кој ќе им даде зелено светло на лиценцираните снабдувачи на струја да обезбедат што е можно пониски цени и потребна енергија за граѓаните и за стопанството. Сите други опции се невозможни” вели Манасков.

Дел од даночните експерти пак велат дека наместо да се намали стапката на ДДВ за струјата на 5% ,поголем ефект ќе бил постигнат со засилено оданочување. Намалувањето на ДДВ за струјата не е мерка со која се решава енергетската криза и се заштитуваат граѓаните, вели даночниот советник Славко Лазоски, туку токму спротивното најпогодени се граѓаните и тоа оние со средни и ниски примања.

Граѓаните според него, не треба да се радуваат на мали даноци бидејќи во земји каде даноците се големи, има помалку злоупотреби и корупција.

Лазоски смета дека Македонија можеше да направи вистински пресврт во енергетската ефикасност.

“Ако имаме засилено оданочување, ако се воведе акциза на струјата и се воведе карбон-данок на компаниите кои што произведуваат струја од најзагадувачки суровини, ќе соберевме доволно средства за изградба на една средна по големина хидроцентрала, одамна ќе беа изградени ,,Чебрен“ и ,,Галиште“, ќе беше завршено префрлувањето на гас на ТЕЦ ,,Неготино“, ќе беше во напредна фаза гасификацијата, каде се очекуваат нови 10.000 вработувања, ќе имаше пари за енергетска сиромаштија на трипати поголем број на домаќинства но и за поголем износ на надоместокот, вели Лазоски за локално.мк.

Владата го задолжи ЕСМ да обезбеди 100 % од потребните количини електрична енергија во 2022 год. со што ќе се минимизира или избегне увозот на струја со што се очекува да се намали притисокот врз цената на електричната енергија. Во ситуација кога се бараат дополнителни количини јаглен за РЕК и мазут за стартување на ТЕЦ Неготино, цената на електричната енергија на берзите стигнува и до рекордни 340 евра за MWH.

К.В.С.

 

 

Слични содржини