Маричиќ: Новата методологија придонесува за зајакнат кредибилитет на процесот, придобивки за реформаторите и санкции за оние кои ги кочат европските процеси

од Ивана Рамаданова

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија го поздравува обновениот пристап на Европската Комисија за подобрување на пристапниот процес, смета националниот координатор за интеграција во ЕУ, Бојан Маричиќ.

„Новата методологија придонесува за зајакнат кредибилитет на процесот, придобивки за реформаторите, но и санкции за оние кои ги кочат европските процеси. Ова покажува дека процесите се движат напред, што е добро и за нас како кандидати, но и за самата Унија. Факт е дека по спроведените реформи и техничкиот скрининг, државата е подготвена за пристапниот процес. Оптимисти сме дека во наредниот период овој нов пристап ќе резултира со отворање на преговорите, со што ќе се исправи стратегиската грешка од октомври“, изјави националниот координатор за интеграција во ЕУ.

Новата методологија за преговори која Европската комисија ја објави носи услови, санкции, реверзибилност, можност за блокада на процесот на преговори но и отворена врата кон ЕУ.

Документот кој го објави Европската Комисија ги дели ЕУ поглавјата во 6 кластери и 32 поглавја, а преговорите ќе почнуваат и завршуваат со владеење на правото.

Преку првиот кластер наречен „Основи“ земјите преговарчи ќе треба да ги исполнат условите од поглавјата, правда и основни права, безбедност и слобода, но и економски критериуми, функционирање на демократските институции, реформа на јавната администрација, јавни набавки, статистика, финансиска контрола.

Вториот кластер „Внатрешни пазари“ содржи поглавја поврзани со слободното движење на стоки,  третиот е „конкурентност и раст“ а во него спаѓаат медиумите, економската и монетарна политика. Последните два кластери се „Ресурси, земјоделство и кохезија“ и блокот кој ги опфаќа надворешните работи.

И.Р.

Слични содржини