„Маршот на ангелите“ првпат во Штип – родителите прашаа зошто се одолговлекувал планот за акциска контрола на „Пулс“

Денеска за првпат во Штип се одржа 41. „Марш на ангелите“, посветен на загинатите, повредените и семејствата од Кочани кои повеќе од една година бараат правда…

од Nikola Popovski
34 прегледи Фото: Принтскрин/Фејсбук/Телевизија M»Net

Денеска во Штип се одржа 41. „Марш на ангелите“, посветен на загинатите, повредените и семејствата кои повеќе од една година бараат правда. За првпат од Штип, родителите и најблиските од градскиот плоштад „Слобода“ порачаа дека денес чекорат семејствата и најблиските на нивните деца и најмили – оние што останаа со најтешката болка, но и со најголемата обврска да се борат за вистината и правдата.

Поворката се движеше низ улиците во централното градско подрачје, родителите, семејствата, пријатели, другари на загинатите во кочански „Пулс“ поминаа пред зградата на Основниот, Апелациониот суд и Јавното обвинителство во Штип. Пред зградата на СВР Штип, се обрати Александар Наунов татко на загинатата Надица. Во говорот порача дека семејства бараат одговорност за секое непостапување, за секое одолговлекување и за секој молк што, како што вели придонесе ова да заврши со човечки жртви.

-Денес стоиме пред МВР Штип за да го поставиме прашањето за кое сите долго време чекаме одговор: Кој кого штитеше и зошто не се постапуваше навреме?, праша тој.

-Според обвинителниот акт, планот за акциска контрола за „Пулс“ не бил потпишан и одобрен навремено, а не биле преземени мерки што можеле да спречат трагедија. Денес јавно прашуваме: Зошто се одолговлекувало? Кој дозволил да се чека? Кој премолчел? Кој не постапил, додаде Александар.

Семејствата јавно го поставија прашањето до институциите зошто се одложува постапката за утврдување на одговорноста што претходно била најавена. Со тоа, маршот доби и јасна порака дека за нив ова не е само чин на сеќавање, туку и продолжување на притисокот за правда.